Број 3093  четврток, 24 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Македонија
Другарството ги урива етничките бариери во Прељубиште

Интегрираното основно училиште е проект на НВО Нансен дијалог центар“ од Скопје

Гојко Ефтоски



ТЕТОВО - Сара е име што го носат две осумгодишни девојчиња, едното Албанка од Шемшово, а второто Македонка од соседното Жилче. Двете се соученички во второ одделение во интегрираното основно училиште во тетовското село Прељубиште.

Постојано се заедно. Ги двои наставата по општообразовните предмети што се изведува на мајчин јазик и - ноќевањето. Негуваат блискост и човечка топлина. Се разбираат на еден од двата јазика, зависно која колку ги знае. Вметнуваат по нешто од својот јазик, но тоа не им пречи да се разберат.

Девојчињата одат на гости една кај другата на верски празници, на Велигден или Бајрам, на Рамазан или Божик. Не ги испуштаат родендените. Тогаш Сара од Шемшово и' посакува „среќен роденден“ на онаа од Жилче која и' возвраќа со „ме фат дитљиндја“.

Вака ги доживуваат деновите не само двете Сари, туку и сите други. Повозрасните 22 ученици веќе се второ одделение. Со по 11 деца на македонски и албански работат две наставнички. Две други ги водат заедно на секциите - уметничка, драмска, еко, етно и програма за образование за мир и толеранција. Иста е и онаа бројка на првачињата, како втора генерација ученици. Тие доаѓаат од Ратае, Жилче, Шемшово, Копанце и Прељубиште.

Интегрираното основно училиште во Прељубиште е проект на НВО „Нансен дијалог центар“ од Скопје како единствена ваква образовна институција не само во Македонија, туку и пошироко. Во училиштето го сретнавме координаторот на проектот Сашо Стојкоски.

„Се определивме за модел кој негува, охрабрува и во себе ги интегрира мултиетничките вредности, двојазичноста, образованието и надградувањето не само на учениците, туку и на родителите и наставниците. Така се градат хармонични односи втемелени во почитување на разликите, градејќи кохезионо мултиетничко семејство. Веруваме во искрената соработка и зближување на луѓето, почитување на семејствата преку нивната различна национална и верска припадност, јазик, култура, верувања и обичаи. Нашите ученици стануваат личности збогатени со вештини и капацитет на знаење со можност за отворена комуникација, дијалог, толеренција, конструктивност при справување со конфликти и надминување на стереотипите и предрасудите“, вели Стојкоски. Визијата на училиштето Стојкоски ја појаснува со „семејство“ на волшебен триаголник што се гради меѓу ученици, родители и наставници.

Училиштето во Прељубиште гради односи и меѓу родителите. Со нив во две групи мајки и татковци работат на совладување на информатиката преку курсеви што се одржуваат на македонски и албански јазик.

„Имаме големо меѓусебно разбирање и успех што го постигнуваме заеднички. Како родители се ангажираме да помогнеме во совладување на наставата, но и во оние активности во кои децата заеднички работат и учат. Помогнавме да го оградиме училиштето, а спроведовме акција за поставување бехатон-плочки во дворот“, вели Меџит Емурлаи, претседател на Советот на родители.

Училиштето во Прељубиште во наредната учебна година прераснува и во средно. Проектот бил готов, а градежните работи на новиот објект треба наскоро да почнат. Од идната учебна година овде ќе се формира паралелка за средно образование од информативна насока со ученици од сегашните осми одделенија од училиштата во Јегуновце и Шемшово. И пак на паритетна основа Македонци и Албанци.

Училиштето финансиски е поддржано од Кралството Норвешка. Го носи името на нобеловецот за мир од оваа земја, Фридтјоф Нансен. Проектот се реализира во партнерство со Министерството за образование, Бирото за развој на образованието и Општина Јегуновце.


#
Статијата е прочитана 813 пати.

Испрати коментар

Од: devicanecot
Датум: 24.09.2009 08:01:10
Навистина НВО ја откриваат Америка. Па нека им дадат Нобелова награда.. Гојко Ефтоски, како да не знае како се живееше во шеесетите, седумдесетите, осумдесетите години.. Па без помош од кралството Норвешка, ние ќе изумреме. Само нека ни го пуштат тој Натовецот од Норвешка што утепа министер и цела негова фамилија, нека не дотепа сите... ете тоа сме заслужиле. Кога не знаеме сами да си ги уредуваме работите во својот двор..
Од: cece
Датум: 24.09.2009 11:02:36
BRAVO!
Од: Владимир
Датум: 24.09.2009 12:37:00
Одличен текст за одлична иницијатива! На училиштето, учениците и родилите и на Нансен дијалог центар им посакувам многу успех и понатаму и повеќе вакви училишта. Се надевам дека еден убав, сончев ден образовниот систем кај нас ќе биде многу поблизок до овој интегративен (или подобро инклузивен) модел наспроти сегашниот тренд на сегрегација.
Од: sladj
Датум: 24.09.2009 16:01:45
Ubavo!! Albanskiot jazik treba da se vovede vo ucilistata kako predmet. Red e da naucime nekoj niven zbor...

Најди! во Утрински
Македонија
ЕЛЕМ ремонтира централи, езерото Матка се уништува
Бактерија ги затрула учениците
Работа за најуспешните студенти
Државата се откажува од патарините
Вештаците ќе го кажат последниот збор за бродот „Илинден“
Меѓународен семинар за албанологија
Битолските училишта се заразија со етнички паралелки