16.06.2008, 17:45 Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ победник, но виси за еден мандат

На 29 јуни прегласување во четири избирачки места во Тетовско
Катица Чангова
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“, која со 481.602 гласа освои 63 пратенички места, е убедлив победник на предвремените парламентарни избори. Од партиите во албанскиот политички блок најголемата поддршка од електоратот - 125.997 гласа, обезбеди Демократската унија за интеграција, освојувајќи 18 мандати. Овие првични и се' уште неофицијални податоци по прегласувањето од 15 јуни во три изборни единици вчера ги соопшти претседателот на Државната изборна комисија, Јован Јосифовски.

Со 233.362 гласа коалицијата на СДСМ „Сонце“ во новиот собраниски состав ќе партиципира со 27 пратеници, што е помалку за еден од првичните резултати. Мандатот на „Сонце“ од „двојката“ по прегласувањето отиде на контото на ДУИ, кои и самите биле изненадени од дополнителното место. Демократската партија на Албанците има 11 мандати, односно 83.678 гласа, додека Партијата за европска иднина ПЕИ со 14.473 поддршка од гласачкото тело ќе има една пратеничка фотелја.
По новата, трета рунда гласање во Тетовско-гостиварската изборна единица што ќе се одржи на 29 јуни, и тоа на четири избирачки места со околу 3.100 гласачи, извесно е дека ќе има промена на мандатите кај партиите. Ќе се гласа во Голема Речица на три места, затоа што поради кражба на избирачкиот материјал воопшто не било одржано гласањето, а во Желино на едно место поради прекин од три часа.
Според симулации за гласовите во „шестката“, виси еден мандат на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, што веројатно по примена на Донтовата формула и пресметката во количници, што е висока математика, ќе заврши или кај ДУИ или кај ДПА. Имено, во Шестата територија, партијата на Али Ахмети води со 55.736 гласа во споредба со партијата на Мендух Тачи, на чие салдо има 47.308 гласа.
Нема пречка за конституирање на новиот парламент, потенцира претседателот на ДИК, затоа што се неспорни мандатите на повеќе од две третини од пратениците, нагласи Јосифовски уште еднаш оценувајќи дека прегласувањето минало во мирна, фер и демократска атмосфера.
„ДИК е при крај со подготовка на конечниот извештај што треба да го достави до Собранието на Република Македонија, кое треба да одржи конститутивна седница за верификација на пратеничките мандати најдоцна до петок, односно 20 дена од 1 јуни, денот на одржувањето на изборите (1 јуни). Околу тоа дали ќе има проблеми со верификација на мандатот на Талат Џафери од ДУИ, кој беше приведен од полицијата, Јосифовски одговори дека надлежна за верификација на мандатите на пратениците е собраниската Верификациска комисија.
Јосифовски информира дека од 2.972 избирачки места се обработени 99,80 отсто од податоците, а дека одѕивот на гласањето е 57,16 проценти. Притоа посочи дека течат роковите за поднесување приговори до ДИК по што, како што рече, постои можност да бидат поднесени жалби до Врховниот суд. |