31.07.2012, 19:35 Мислења
Лојане ленд 2012
Нано Ружин
За голем број експерти Лојане прерасна во вистинска метафора за шверцот со луѓе и мигранти од Азија и од Африка
Музафер Селмани и Башким Шеху се родени во село Лојане во липковска општина. Потекнуваат од големи печалбарски семејства. Другаруваат веќе 30 години уште од осумдесеттите кога како деца растеле во истата улица и двор,оделе во истото школо „Братство“, седеле во истата клупа и мечтаеле за градскиот живот. Биле воспитани патријахално и најмногу ги слушале ноќните приказни на нивните дедовци Иљаз и Али. Во текот на 2000 година Музафер ја оженил Мируше - сестра му на Башким.
Во 2001 им се придружиле на борците на УЧК, но по кризата не се активирале политички бидејќи повеќе ги интересирало земјоделието и бизнисот. Патем, и политичарите од ДУИ им ветувале вработување, пензија, директорски места, но ветувањата останале празни. Официјално тие се невработени и до 2007 година целосно зависеле од парите на нивните браќа Африм и Рамиз кои работеле во Цирих. Во 2008 година заедно купиле по едно комбе „Мерцедес“ за да транспортираат стоки од Куманово и Скопје за нивниот дисконт. Заработувале колку за нафта, за скромен живот и лекувањето на старите. Истата година ги посетиле браќата во Цирих, но по една недела се заситиле од урбаниот метеж на Цирих и едвај го дочекале денот кога се вратиле во нивното родно Лојане.„Орелот најубаво спие на родната спила“, подучува старата албанска поговорка.
Инаку селото Лојане во поновата историја ја заинтерсира пошироката македонска и меѓународна јавност преку најмалку три позначајни настани. Најнапред во 1956 година кога селото било во состав на Титовата федерација го привлекло вниманието на јавносто со откритието на дотогаш непознатиот, високо магнетен минерал со розова боја. Во тогашното зафрлено село стигнале и научници од нуклеарниот институтот од Винча близу Белград. Еден од најстарите жители, Мефаил Невзати вели дека во селото стигнале и силни воени и полициски сили кои ја оградиле зоната на наоѓалиштето.
Вториот пат Лојане се нашло во центарот на медиумскиот интерес за време на кризата од 2001 година. Тогаш беше киднапиран еден македонски полицаец а од селото биле регрутирани поголем број борци на УЧК. Темната слика врз Лојане ќе ја авторизира најпознатиот криминалец од ова село Џеми Шеј, алијас Џемаил Даути Исени, за чие име ќе бидат направени повеќе шеги на сметка на некогашниот портпарол на НАТО, Џеми Шеј. Поради бројнитре кривични дела, Џемаил Даути(Џеми Шеј) беше уапсен и трансфериран во Идризово, но две години подоцна при погребот мајка му во Лојане тој успеа да им избега на полициските стражари и денес му се губи секаква трага. „Многу знаеше и затоа го чуваат на сигурно за да не пропее“, смета Башким.
Денес меѓународните набљудувачи и медиуми се фокусираа врз селото Лојане поради илегалната миграција. За голем број експерти Лојане прераснало во вистинска метафора за шверцот со луѓе и мигранти од Азија и Африка. Селото Лојане го нарекуваат Мостот кон Шенген, царството на азилантите и на шверцот со луѓе, меѓународен центар на илегалата. Според проценките на експертите дневно низ ова место поминуваат околу триста азиланти од Северна Африка, Ирак, Иран, Авганистан, Пакистан, Кина. Овие чудни и истоштени туристи се сместени низ разни куќи и плаќаат 5 евра дневно за престој во шталите и 10 евра за сместување во куќите.
Во последниве две години потрошувачката на леб пораснала за една третина. „Секогаш во Лојане се јадело многу леб а сега најмногу трошат странциве“, вели Рамуш кој со своето комбе го носи лебот од Липково. Во јуријата или центарот на селото се сместени неколку интернет - кафеа каде азилантите воспоставуваат интернет комуникација со своите роднини во Азија и Африка. За да стигнат до Лојане потрошиле меѓу три и пет илјади евра патувајќи илегално со разни транспортни средства, камиони, бродови или пеш. Амза од Пакистан заедно со своите пет другари платиле по 2800 евра за да стигант до Лојане. По пат четворица од неговите другари го загубиле животот било во несреќни случаи или од болести.
Патот на имигрантите води најчето преку Турција , Грција до Македонија, Србија и конечно до Унгарија, Австрија или Германија. Патуваат во исклучиво тешки услови, со само еден помал ранец и нешто пари кои им останале. На пократок рок целта им е Суботица или тромеѓето меѓу Србија, Унгарија и Романија и местата Мајдан, Роде, Џала, Мартонош или Хоргош. Но најблиска точка до Лојане е селото Миратовац, сместено од другата страна на границата со Србија на 50 метри од границата.И покрај бројните барања и притисоци од локалното население, владите на РМ и РС не отворија граничен премин меѓу Лојане и Миратовац. „За нас не постои граница. Одиме во посета кај нашите роднини кога ќе посакаме“, велат селаните. Сепак најчесто со нив одат и десетина азиланти а понатаму самите се снаоѓаат.
Кон целата оваа динамика се приспособија Башким и Музафер. Заедно со кока-колата, швепсот, зелката, бананите и компирите, пренесуваат и азиланти од Скопје кон Лојане или од Лојане кон Миратовац а за поголеми пари и подалеку. Таму ги пречекуваат нивните роднини кои ги транспортираат до Суботица. Дел од азилантите заминуваат пеш и им треба околу една недела да се приближат до границите на Шенген . Селаните од Лојане се задоволни со заработката. Музафер веќе ја проширува шталата и новите полски клозети и планира да смести до сто мигранти и да заработува околу 9000 евра месечно само престојот. Сепак сите лојанчани му се љубоморни на шоферот Ибуш од Куманово кој со својот камион во неколку наврати пренел по сто азиланти до Гевгелија за 500 евра по глава, така што во еден ден заработил 50. 000 евра.
Меѓу Македонија и Србија не постои граничен премин кај Лојане но со оглед дека просечно во еден ден поминуваат над 300 азиланти, веројатно тоа е еден од најдинамичните диви гранични премини на Западен Балкан. Полицииите од двете страни на границите или намерно не се интересираат, или се во договор, или се немоќни. Чудно е што и ОБСЕ и бројните невладини организации ги затвораат очите пред оваа појава. Овие сиромашни азиланти се во постојано движење меѓу Грција, Македонија, Србија, Косово, Црна Гора и Албанија. Ако некоја од локалните полиции ги уапси, заради големите трошоци на репатријација, властите ги екстрадираат кон соседството од каде ја поминале последната граница . Затоа не е мал бројот на азиланти кои неколку пати се враќаат во Лојане. Од таму повторно настојуваат да отпатуваат кон Србија, или Косово, Црна Гора, Албанија, Босна а потоа кон ЕУ. За тоа време селаните се преокупирани со имигрантскиот туризам. Кучињата во Лојане лаат а караваните со азилантите поминуваат од другата страна на границата без никакви проблеми.
(Авторот е универзитетски професор и член на ЛДП)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински весник“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |