02.05.2012, 16:57 Црната листа се' подолга, фирмите во длабок минус

За пет месеци бројот на компании што не можат да си ги плаќаат долговите се зголемил за 7.400, моментно 31.000 фирми се на црна листа
Соња Маџовска Нина Нинеска-Фиданоска
Економската криза зема се' повеќе данок. Расте бројот на компаниите на црните листи, кои се' повеќе влегуваат во должнички лавиринт од каде што тешко можат да излезат.
Неликвидноста ќе биде главен проблем за македонското стопанство и оваа година, фирмите велат дека не можат да живнат поради тешката наплата и поради намалената побарувачка. Малите и средни фирми сметаат дека лошата ликвидност е долгогодишен проблем за која се потребни посериозни мерки. Со инструментот задолжница се очекува да се подобри плаќањето и дисциплината, но проблемот е што со овој инструмент не се опфатени плаќањата на државата, а таа е еден од најголемите должници.
Дека фирмите, но и граѓаните се' потешко ги исполнуваат обврските потврдуваат и податоците од Централниот регистар.
Бројот на компании што се моментно на црната листа изнесува 31.000, за разлика од крајот на ноември лани кога на оваа листа имало 23.600 правни лица. Што значи дека само за пет месеци бројот на компании кои имаат блокирани сметки, кои се под стечај или за нив по друг основ се води судска постапка, се зголемил за 7.400. Станува збор за листа на управители и на правни субјекти кои со несовесно работење ги однеле фирмите во стечај или ги довеле до состојба на блокирани сметки. Од Централниот регистар посочуваат дека никогаш не може прецизно да се каже колкава е црната листа, затоа што состојбите се менуваат на дневна основа. Секој ден некоја фирма или оди во стечај или се блокира од разни причини или, пак, си ги плаќа казните, па веќе не фигурира на листата, што значи дека оваа ситуација не е статична. Централниот регистар почна да ја води црната листа од февруари лани, по барање на стопанствениците, со цел да се објавуваат имињата на фирмите и на сопствениците за кои е утврдено дека работат незаконски, ги отвораат или ги затвораат фирмите поради лична корист, ги блокираат сметките, прават разни други шпекулации или, пак, биле осудени за економски криминал. Бизнисмените особено сакаа да знаат дали си имаат работа со лице кое, на пример, било сопственик на десетина фирми што се затворени и отворени по неколку пати, или пак, дали за одредена компанија се води стечајна или судска постапка и слично.
Но, не само правните лица кои поради неможноста да ги сервисираат плаќањата се нашле на оваа листа, туку и граѓаните тонат во долгови. За пет месеци бројот на физички лица се зголемил за 6.600 лица, па така во Централниот регистар на оваа листа сега има вкупно 38.000 граѓани кои се обележани како неплаќачи.
И додека расте бројот на граѓани и правни лица на црните листа, минимално е зголемен и бројот на новоотворени субјекти. Во првите три месеци според податоците на Централниот регистар има 2.126 основани нови фирми, за разлика од лани во истиот период кога биле отворени 1.817 деловни субјекти. |