Градот го стави под своја капа поставувањето урбана опрема

Набрзо на плоштадот ќе бидат поставени и унифицирани тезги
Градот Скопје им ја одзема надлежноста на општините околу издавањето одобренија за поставување урбана опрема, па во иднина ваквиот документ ќе се обезбедува во Градот, а не во општина, како што беше досега. Ваквата одлука, донесена на вчерашната седница на координативното тело на градоначалници, како што информираше градоначалникот Коце Трајановски, има цел да воведе ред и во оваа област, бидејќи ќе се спроведува на територијата на целиот град. Досега на кафеанџиите им се издадени 150 вакви одобренија, а на разгледување се уште толку. Особено се внимава на критериумите за поставување урбана опрема во централното подрачје, на улицата „Македонија“ и кејот „13 Ноември“, за каде што Градот и Општината Центар изработиле посебни елаборати.
Трајановски најави и дека во иднина плоштадот „Македонија“ и околината ќе се збогатат со мултифункционални тезги од отворен и од затворен тип на кои ќе се продаваат уметнички и занаетчиски производи. За таа цел веќе се склучуваат договори со избраните форми за изработка на тезгите. Објектите ќе бидат со унифициран изглед, со што во иднина нема да има шареноликост. Според градоначалникот, засега не се точно утврдени локациите каде ќе бидат поставени тезгите, но, веројатно е дека откако ќе бидат определени местата, тезгите ќе стојат таму постојано. Тезги ќе се даваат и на општините за нивни потреби или манифестации.
Како редовна точка на Координативното тело беше разгледана точката за наплата на фирмарина. Трајановски соопшти дека од идната недела ќе следуваат нови блокирања на сметките на фирмите што не платиле за 2007 и за 2008 година. Од првично блокираните 28.000 фирми во јануари, досега заостаната фирмарина платиле 10.000 фирми, а на останатите 18.000 ќе им биде присилно наплатена.
Добро оди и наплатата на данокот на имот за 2010 година, се пофали градоначалникот Трајановски. Досега се поделени најголемиот дел од решенијата за годинава, а платени се околу 35 до 40 проценти од решенијата. (С.Н.) |