Во близина на Штип откриен скелет на најстариот жител на Балканот

Првичните претпоставки се дека скелетот е погребан 7.000 години п.н.е.
Иван Бојаџиски
ШТИП – Во најстарата неолитска населба во Македонија - Грнчарица кај селото Крупиште, во близина на Штип, откриен е скелет на маж, за кого се претпоставува дека потекнува од праисториско време и дека е најстар на Балканот. Првичните претпоставки се дека скелетот е погребан 7.000 години пред новата ера. Македонските археолози својот пронајдок го крстиле Славе, затоа што на картонската кутија во која го спакувале било напишано токму тоа име. Скелетот вчера ургентно од штипскиот Музеј беше транспортиран за Скопје, каде што археолози ќе ги утврдуваат деталите.
„Станува збор за ретко откритие кое ќе даде значајни одговори за организацијата на животот на луѓето седум илјади години пред новата ера“, рече на вчерашната прес-конференција м-р Трајче Нацев, виш кустос археолог од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Штип. Нацев раководи со проектот за археолошките истражувања на осумнаесет археолошки локалитети по должината на трасата на која беше предвидено да минува цевководот од ХС „Злетовица“ за Штип и Свети Николе.
Археологот Трајанка Јовчевска, која раководи со истражувањата на Грнчарица, објасни дека машкиот скелет го нашле закопан плитко во земјата. „Скелетот го најдовме легнат на левата страна, нозете му беа подигнати до черепот, а рацете собрани. Тоа е карактеристика за начинот на кој биле погребувани луѓето од праисториското време. Местото каде што ги најдовме остатоците укажува дека тоа не е класична некропола. Затоа остана да утврдиме дали мажот бил закопан во сопствената куќа, што е карактеристика за раниот неолит“, вели Јовчевска.

Археолозите не ја криеја својата возбуда од најновото откритие на археолошкиот простор кој стана предмет на работа благодарение на изградбата на цевководот од регионалниот хидросистем „Злетовица“. Тие тврдат дека ова откритие има особено значење во процесот на проучување на духовноста на населбите од тоа време.
„Староста на скелетот ја утврдивме врз основа на ископаниот материјал на овој локалитет, кој укажува на постоење населба од раната фаза на неолитот. Сепак, истражувањата ќе продолжат во соодветните кабинети. Со дополнителни анализи ќе се дознаат сите детали за населбата која е најстара на овој простор, за организацијата и за начинот на живеењето на луѓето од тоа време“, укажа Јовчевска.
Археолошкото откритие може да ги комплицира работите на изградбата на цевководот, преку кој водата од регионалниот хидросистем „Злетовица“ ќе се транспортира до Штип, Свети Николе, Карбинци и Лозово. Работите на оваа делница беа запрени лани во мај, кога багерите ископаа значаен археолошки материјал кај Крупиште и Жиганци. Тогаш Владата одобри десет милиони денари за археолошките ископување на овој терен, а градежните машини што работеа на тој потег беа префрлени на друга траса. Ацо Јаневски, технички директор на „Злетовица“, убеден е дека нема доцнење во изградбата на цевководот. Други извори не ја исклучуваат можноста дека ќе мора да се менува првобитно определената траса за цевководот со оглед на фактот дека на овој терен веќе се откриени осумнаесет археолошки точки. |