Докторантот по епиграфија го смета за несериозен фактот дека Македонија не го побарала назад своето богатство
КАТЕРИНА БОГОЕВА
Марија Станковска-Ѕамали е докторант по латинска и грчка епиграфика на престижниот Универзитет Сорбона 4 во Париз. Од еден од центрите на светските културни случувања, таа има можност да ја види и позицијата на својата земја во однос на другите во третманот на културно богатство, но и да сугерира одредени промени во досегашните ставови на надлежните институции.
На кој начин и од кои се извори доаѓаат до вас сознанијата за патот на македонското културно наследство во светот и колку истото е дел од вашата професионална преокупација?
-Повеќето од информациите кои ги изнесов во неколкуте мои писма објавени во дневниот печат му се достапни секому којшто секојдневно чита странски и домашни дневни весници. Денеска, благодарение на Интернетот, достапни ви се скоро сите дневни весници од скоро сите земји во светот. Колку повеќе јазици зборувате, толку повеќе информации ви стојат непосредно на располагање. Јас веќе неколку години секојдневно сум во потрага на податоци и настани поврзани со културното наследство, неговото чување и заштита. Преку неделата со сопругот, археолог и исто така пасиониран за прашањето зачувувањето на културното наследство собираме информации од неколку весници од Македонија, Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Франција, Англија, Америка, Турција и ги класираме во една база на податоци кои самите ја направивме.
Друг извор на информации кои се однесуваат на искуството кое го имаат другите земји во светот во врска со чувањето на културното наследство се секако предавањата кои ги следам во склоп на докторските студии.
При тоа постојано сум во контакт со моите колеги од Франција, Италија, Грција, Тунис, Либан од кои некои веќе работат како археолози, професори на факултет или во секторите во чиј домен спаѓа и грижата за културното наследство и разменуваме информации ни кажуваат за нивните искуства и слично. Некои од професорите честопати ги почнуваат предавањата со каталози од светските аукции во кои се прикажани слики на предмети, меѓу кои и на оние со „непознато потекло”. Секој може да ги види предметите кои се продаваат на е-беј. Секој студент по археологија може да ги препознае предметите кои потекнуваат од Балканот, а за некои може и со сигурност да се каже дека по потекло се од Македонија. Секој којшто си ја сака својата земја треба и да се грижи за културното наследство.
Досега македонските надлежни институции официјално не побарале враќање на движните културни вредности пронаоѓани на тлото на земјава кои се наоѓаат во одредени музеи, приватни галерии во светот. Што покажува досегашната практика, како вредните предмети одредени земји можат и успеваат да си ги вратат дома?
- Е па тоа што не сме побарале враќање на овие предмети е голема грешка. Прво, треба да се разграничат условите во кои предметите од македонското културно богатство се нашле во странство. Најчист случај е со археолошките предмети кои за време на СФРЈ се однесени во музејот во Белград. Тогаш тоа бил музеј на Југославија, која веќе не постои. Постојат меѓународни норми и регулативи, но некој мора да ги чита и применува. Никој нема да ни заѕвони на врата и да ни ги пружи предметите од Македонија со зборовите „повелете ваши се, ни беше задоволство да го красиме нашиот музеј со нив”.
Враќањето на културното наследство е прашање од ист домен како и прашањето за поделба на амбасадите на поранешна Југославија, делењето на златото кое го поседуваше Југославија, долгот и сл. Дури при прашањето за археолошките предмети работата е уште почиста. Тука сите земји не инвестирале заедно, па да е спорна делбата. Јасно се знае кој предмет од кое тло потекнува. Фактот што Македонија не го побарала назад своето богатство е само доказ колку сме несериозни во некои многу сериозни работи. За да се добие нешто назад мора да се побара. Доколку тргнеме со ставот „тоа никогаш никој нема да ни го врати” се знае дека ништо нема ни да добиеме назад, но виновни ќе си бидеме самите ние.
Со предметите кои илегално се изнесени од државата односот е поинаков. Прво треба да се докаже со цврсти докази дека предметите потекнуваат од Македонија. Врз основа на тие докази може да се бара повлекување на предметите од аукционерските куќи па дури и од големите музеи. Таков беше случајот со трезорот од декадрахми кои Турција успеа да си ги врати од Америка иако монетите беа распродадени по разни приватни колекционери. Таков е и случајот со предметите кои на Грција и на Италија им беа вратени од музејот Пол Гети.
Трет случај е кога предметите се изнесени од една земјата за време на нејзина окупација. Во оваа група се предметите изнесени од Македонија за време на бугарската окупација или окупаторската власт на Кралството Југославија. Но и тука постои правна основа на која може да се бара враќање на предметите. Грција на пример, си ги бара назад предметите од Партенон кои отоманската власт ги продала и ги подарила на Англија. Кога за првпат се постави ова прашање предизвика многу скептицизам во врска со успехот којшто Грција може да го постигне. Но Грција веќе изгради супер модерен музеј во кој планира да ги смести. Со вревата што ја крена успеа да си врати некои фрагменти од Акропол кои се наоѓаа во некои помали музеи и приватни колекции во светот. Еве пример дека доколку се бара, може само да се добие.
Ако културното наследство е светско, дали во тој случај нема ни потреба тоа да се врати во земјата од каде потекнува, туку е важна само грижата за него?
-Културното наследство од секоја земја му припаѓа на целото човештво, но тоа треба да се наоѓа во земјата од којашто потекнува. Можеби може поинаку да се гледа само на оние предмети кои се изнесени од другите држави до крајот на 19 век, но и тука зависи од тоа на кој начин се изнесени предметите, дали земјата ги дала доброволно, дали тоа го сторила некоја окупаторска власт и слично. Обидете се сега да го демонтирате најгорниот кат на Ајфеловата кула и кажете им на Французите „немојте да се грижите ова е светско културно наследство, ние ќе ја монтираме во Скопје и може секој да ја види”.
Културното наследство им припаѓа на сите, но тоа не треба да станува „светско” дивото копање. Со дивите ископувања само му се нанесуваат штети и науката неповратно губи непроценливи информации.
Она што е неопходно е соработка со другите земји во регионот во врска со чување на културното наследство. Ги споредував законските регулативи на Англија, Франција и Грција и секаде пишува дека доколку некој најде предмет со значење на културно наследство, истиот и припаѓа на државата. Во нашите музеи секојдневно доаѓаат диви копачи и нудат за откуп предмети кои ги нашле. Доколку музејот не го купи, сопственикот си го враќа предметот дома и го продава на некој трговец со антиквитети. Тоа е невидено. Државата не треба да преговара со дивите копачи за нешто што и припаѓа. Пред неколку години во Македонија се организираше акција за обучување на полицијата да распознае вредни археолошки предмети. Тоа треба постојано да се прави. Закони имаме, само треба да се применуваат. Во доменот на чувањето на културното наследство треба постојано да се работи, да не се запира по еден успех, туку веднаш да се премине на следната задача.
Кои се најжешките теми за расправа денес меѓу светските епиграфичари. Кој дел од светската историја и култура најинтензивно се истражува и зошто? Што се случува на ова поле кај нас?
- Епиграфијата е специфична наука поврзана со археологијата, историјата, класичната филологија. Кај епиграфичарите секогаш се' што е во врска со овие науки е актуелно. Секој нов пронајдок се следи со интерес, бидејќи иако можеби не се работи за натпис, новото откритие може да фрли нова светлина на податоците со кои располагаме, да објасни некои работи кои до тогаш биле енигми, да биде алката која недостасува. Така и податоците до кои е дојдено порано треба постојано да се ревидираат и да се разгледуваат во склоп на новите информации кои ни ги дава археологијата. Тоа е тимска работа и овозможува да се добијат непроценливи информации за различни аспекти од културниот и политичкиот животот во античкиот период.
Она што ме загрижува кај нас е сегашниот тренд да се докаже постоењето на стар македонски јазик како и современиот македонски јазик да се доведе во врска со него. Тука пред се мислам на делото на двајца информатичари во кое се јавуваат со толкување на демотското писмо од каменот од Розета.
Најшокантен беше публицитетот што му се даде на ова толкување во македонските весници и телевизии. Демотското писмо е ракописна варијанта на египетските хиероглифи и е дешифрирано уште во 19 век од францускиот научник Шамполион. Каменот од Розета не е единствен што го носи ова писмо, постојат уште стотици таблички, споменици и камења кои се перфектно точно дешифрирани. Со целата врева што се крена, Македонија изгуби многу во очите на светската наука. По вакви екскурзии, тешко е да докажете потоа дека имаме и сериозни научници.
Odlicno, kazano. Jas ne znam zosto nadleznite ne gi zemaat vo predvid mislenjata na vakvite mladi intelektualci, obrazovani vo vrzvni centri vo svetot!... Ja pozdravuvam inicijativata na vasiot vesnik za prezentacija na ovie ludje koi i te kako imaat sto da kazam, za razlika od isvirkanite "eksperti" koi sami se nametnuvaat!