27.07.2011, 18:43 Вештачки езера покрај Вардар во Аеродром
Вештачки езерца, фонтани, соларно дрво со светлечки ефекти, водопади, мост, гејзери, зеленило, шеесетина клупи за седење... Сето тоа ќе ја исполни површината од 11.000 квадрати покрај кејот на Вардар во непосредна близина на спортската сала „Јане Сандански“ каде што Општина Аеродром ќе гради воден парк. Надлежните од вчера се во потрага по фирма што ќе го изгради ова несекојдневно катче.
Планирано е до паркот да водат 10 патеки, зеленилото да се одржува со три бунари што ќе ги изгради Општината, а осветлувањето ќе биде со канделабри во централниот дел и ниско амбиентално светло. Осветлени ќе бидат и езерата и фонтаните. Во средина, пак, на централната фонтана ќе биде поставена модерна метална скулптура со форма на симболот на Општина Аеродром.
„Со изградбата на новиот парк, Општина Аеродром уште еднаш ќе го потврди атрибутот на најзелена општина поради фактот што во неа има 28 квадратни метри блоковско зеленило на глава на жител, во споредба со европскиот проектантски стандард од 8,5 квадрати“, истакна вчера градоначалникот Ивица Коневски при промоцијата на проектот за новиот парк. (Дс.Т.) |