Влегува ли власта во државен интервенционизам?

Власта негира тврдејќи дека само ги регулира пазарните нарушувања во интерес на граѓаните
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Влегуваат ли македонските власти во зона на државен интервенционизам, е прашање кое се' погласно се поставува во македонската економска јавност откако владиниот кабинет промовира неколку потези во таа насока. Воведувањето на единствените цени на лековите, што всушност ги ограничува трговските маржи, барањето од винарските визби да ги зголемат откупните цени на грозјето, државните субвенции за земјоделските производители, како и ограничувањето на провизиите на приватните пензиски друштва, се само дел од чекорите на власта, со објаснување дека станува збор за дејствување во интерес на граѓаните, но кои ги налутија многу од пазарните играчи во македонската економија.
И додека засегнатите страни го искажуваат својот револт, во смисла дека власта ги руши пазарните законитости, во Владата тврдат дека нивните мерки ни оддалеку не можат да се наречат државен интервенционизам. И дел од експертите ги поздравуваат ваквите владини потези.
Така, најновиот владин чекор од областа на здравството беше најавата дека од 1 јануари во аптеките ќе се воведе системот на единствени цени на лековите. Според премиерот Никола Груевски, со оваа новина лековите ќе поевтинат од 90 до 130 отсто, со што граѓаните ќе заштедат годишно околу 10 милиони евра.
Намалувањето на цените на лековите, како што објасни министерот за здравство, Имер Селмани, е резултат на ограничувањето на трговските маржи. Притоа, фармацевтските куќи и веледрогериите реагираа дека „ваква државна диктатура досега не се памети“. Според нив, новите цени на лековите се така одредени што не се дозволува заработувачка ни за веледрогеријата ни за аптеката. Селмани, пак, возврати дека за маржите е постигнат баланс меѓу интересот на пациентот и интересот на трговецот.
И во областа на земјоделството, пред да стартува откупот на грозјето, министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски, ги „советуваше“ винарските визби да ги зголемат откупните цени на грозјето за 20 проценти. Реагираше „Тиквеш“, од каде што нагласија дека живееме во период на пазарна економија, така што не може некој да им наложува колку да плаќаат за грозјето, бидејќи тие се раководат од сопствени критериуми.
Владата оваа година како субвенции за индивидуалните земјоделски производители издвои дури 45 милиони евра, што е многу поголема сума од онаа што за таа цел ја даваа сите претходни влади. И идната година нема да изостане големата државна парична помош за субвенционирање на земјоделското производство.
Одредени кругови како државен интервенционизам го толкуваат и зголемувањето на платите за државната администрација и пензиите, при што платите одат нагоре за 35 отсто заклучно во следните три години, а пензиите ќе се зголемат за 20 проценти.
Пред неколку месеци Владата одлучи да ги ограничи провизиите што пензиските друштва ги наплаќаат од осигурениците. Според министерот за труд и социјала, Љупчо Мешков, тоа не беше мешање во бизнисот на друштвата. Тој ги отфрли обвинувањата од двете пензиски друштва „дека вршат државен интервенционизам“.
Марјан Николов од Центарот за економски анализи генерално ги поздравува ваквите владини чекори. „Има нешто што се нарекува пазарна економија, но има и нешто што се нарекува пазарни неуспеси, што значи дека либерализираниот пазар не може да ги реши сите проблеми што произлегуваат од еден слободен пазар. Затоа таму е потребна и значајна ефикасна државна регулација“, вели Николов. Според него, кај нашиот земјоделски сектор, кој е либерализиран по влезот во СТО, се покажа дека не е доволно конкурентен и не може да се справува со скриените тарифни и нетарифни бариери кои се имплементираат од другите држави, па затоа и се потребни субвенциите.
„Во поглед на пензиските друштва, регулаторот на пензискиот систем си има одредени методи и правила за признавање на трошоците на работењето и профитот, па има целосно право да врши интервенции согласно со законот. Но, мора да се внимава тоа да се прави во соработка со друштвата од вториот пензиски столб“, вели Николов.
Ивица Боцевски, портпарол на Владата, вели дека во овие случаи не станува збор за државен интервенционизам. „Напротив, Владата ги следи движењата на пазарот и реагира ако дојде до нарушување на пазарниот механизам. Комисијата за заштита на конкуренцијата, пак, гледа да не дојде до заговарање против потрошувачите или слободниот пазар“, вели Боцевски, додавајќи оти субвенции во земјоделството дава и Америка, а единствените цени на лековите е решение преземено од западните земји. |