И монахињите го напуштија Вранишковски, бараат канонски прием во БПЦ

Игуменијата Таиса му упати писмо на бугарскиот митрополит Дометијан, кој и' е наклонет на МПЦ, да ги прифати во некој од манастирите во неговата епархија
БИЛЈАНА ЈОВАНОВСКА
Осумчлена женска монашка заедница ја напушти паралелната нерегистрирана црква на Вранишковски и бара канонски прием во Бугарската православна црква. Игуменија Таиса, која пред отцепувањето од Македонската православна црква се грижеше за сестринството во манастирот „Св. Илија“ во Чардак, му упати писмо на видинскиот митрополит г. Дометијан од Бугарската православна црква, таа и монахињите Вероника и Дарија, како и уште четири искушенички, да бидат примени во некој манастир во епархијата со која тој раководи. Претходно, од патронатот на Вранишковски во САД избега и сестра Анисија. По симнувањето на мантиите што пред Божик му го приредија игуменот Максим и јеромонасите и монасите Дионисиј, Порфириј и Елисеј, духовниците на Јован не да се преполовени, туку сега се сведени на десетина.
Митрополитот г. Дометијан, кој е познат по своите ставови на поддршка на Македонската православна црква изнесени во јавноста, според извори на „Утрински весник“ сериозно го зел предвид молбеното барање на игуменија Таиса, дотолку повеќе што во својата епархија на истиот начин ја прифатил и монахињата Тавита, која пред неколку години избега од женскиот манастир „Успение на Пресвета Богородица“ во Јанковец, во кој духовен отец беше игуменот Давид, кој се' уште е дел од малата духовна заедница на Вранишковски. Дека г. Дометијан на барањето му дал посебно значење потврдува и податокот кој говори дека ја искористил последната свеченост на хиротонијата на двајца епископи на Бугарската православна црква - знеполскиот Јоан и стобискиот Наум, за да се распраша и да изврши одредени консултации со своите луѓе од доверба кои добро се запознати со црковниот живот во Македонија. Оттаму, многу е веројатно дека веќе пред Велигден бугарскиот митрополит позитивно ќе им одговори на монахињите и искушеничките кои го напуштија Вранишковски во која монашка заедница на БПЦ ќе бидат населени. Најверојатно, својот духовен живот тие ќе го продолжат во некој од напуштените манастири во Бугарија.
Нашите црковни извори одлуката на игуменијата Таиса и нејзиното сестринство ја толкуваат различно. Едни велат дека станува збор за мудра, добро осмислена одлука и сметаат дека нивна конечна цел е елегантно да се вратат во пазувите на својата матична Македонска православна црква. Други, пак, кои важат за добри познавачи на канонското право тврдат дека од т.н. ПОА, која и' припаѓа на Српската православна црква, лесно може да се добие канонски отпуст за Бугарската православна црква. Уште полесно, пак, од Видинската епархија на БПЦ може да добијат канонски отпуст за Македонската православна црква или, како што неофицијално се говори, за струмичките манастири. Струмица се зема како крајна дестинација затоа што токму игуменијата Таиса му е ќерка на познатиот и меѓу народот популарен тамошен свештеник Димитар Крцев, кој, патем речено, пред целата македонска јавност се откажа од сопствената ќерка кога таа со тогашниот игумен Максим замина кај Вранишковски.
Од упатените во акцијата на игуменијата Таиса, исто така, се слуша и верзијата според која таа не успеала да постигне никаков договор за монашки соживот со Давид, што се должело, пред се', на нагласениот анимозитет меѓу старата игуменија Кирана, која е во Јовановата црква и има големо влијание врз Давид. Познато е, имено, дека Таиса и Кирана живееја заедно во Марковиот манастир, а пред тоа и во Беровскиот, но поради непремостливите разлики, се разделија.
Што се однесува до архијереите на Македонската православна црква, тие непосредно по наглото и бројно осипување на приврзаниците на Вранишковски, изразуваа отворена подготвеност за нивно прифаќање назад, некои дури им ветуваа добри позиции и унапредувања, со исклучок на еден епископ кој изрази скепса кон ваквиот потег.
Во писмото кое игуменијата Таиса му го испратила на бугарскиот митрополит
Дометијан, наводно, освен отвореното незадоволство од Јован и неговите духовници, како причина за повторното отцепување, се наведува фактот дека особено биле погодени од соблекувањето на мантиите на браќата од машкиот манастир и на нивниот духовен отец Максим, за кого ценат дека ги оставил на половина пат, осамени во духовната борба. За наводното оставање на цедило вчера побаравме коментар од Методи Ристевски, односно од тогашниот игумен Максим. Во изјавата за „Утрински весник“ тој вели: „Со монахињите имам одлични односи. Наводните обвинувања не држат, зашто катастрофално би било монахињи да се врзуваат за духовникот како за некој кој врши духовен сервис, за неговата личност. Тие сега имаат нов духовен отец“.
Како понатаму ќе се развива патешествието на седумте разочарани монахињи и искушенички сега најмногу ќе зависи од одговорот на бугарскиот митрополит г. Дометијан. |