| Државните должници ќе се раздолжуваат на рати

Противниците велат дека со ова ќе се зголеми корупцијата во јавниот сектор
Јавните претпријатија што натрупале огромни долгови дефинитивно добија можност да се раздолжуваат уште долг период во иднина. Собранието вчера, со 67 гласа „за“ и четири „против“, го донесе Предлог-законот за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и на трговските друштва основани од државата, општините или од Град Скопје, по скратена постапка. Со законот, што на иницијатива на ЗЕЛС го предложија координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ, се овозможува наплата на нивните долгови по основ на ДДВ, персонален данок и данок на добивка, на 120 месечни рати, односно десет години, со грејс-период од три години. Ним ќе им бидат отпишани каматите доколку редовно ги отплатуваат долгот и тековните обврски.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека со овој закон ќе се подобри даночната дисциплина и ќе се овозможи нормално работење на голем број јавни претпријатија. „Состојбата со напластени долгови е особено изразена кај комуналните претпријатија, а со ова ќе се одблокираат сметките на многу од нив“, истакна Бонева.
За Јован Манасиевски од ЛДП предложениот закон е лош, нереформски и неуставен.
Според Миле Андонов од СДСМ, треба да се донесат конкретни мерки за помош и на приватниот сектор. „Мора да најдеме можност да ги запреме глобите кон приватниот сектор каде што фирмите за само ден доцнење во плаќањето на давачките добиваат казни по 5.000 евра“, рече Андонов.
Неговиот сопартиец Владо Бучковски побара законот да биде повлечен до објавувањето на завршните сметки на јавните претпријатија за да се види точниот износ на нивните долгови и на локалните самоуправи. (Ек.Р.) |