Поглед
Изгор стандард
Александрија Стевковска
Сакаш салата, може, но со еден-два домата, половина краставица и сиренце, колку да замириса на него. Семејните менија стануваат се' посиромашни и посиромашни, бидејќи примањата остануваат исти, а некаде и ги нема, додека цените на храната незапирливо растат. Ова лето, иако статистичките бројки покажуваат дека цените на овошјето и на зеленчукот паѓаат, ситуацијата на терен ги демантира овие показатели. Зелените пазари се преполни, но со изгор скапи производи кои луѓето можат да си ги дозволат, но само во минимални количества.
Три килограми од еден производ за сто денари станаа далечно и носталгично минато за многу граѓани, кои ако купат повеќе домати или краставици, ќе немаат пари за овошје, а душата од се' сака да проба. И така ден за ден. Купеното трае еден ден, најмногу два, па потоа се' одново, се обиколуваат пазарите, се бара поевтино, се купува по малку.
Ако граѓаните се прашуваат како да преживеат со високи цени и низок стандард за производителите годинава немаше дилема како ќе ги наводнат засадените површини. Доколку нема пари, вода барем имаше, некаде и повеќе, доволно за да го уништи родот. Тоа со себе повлече намалување на понудата, а за сметка на тоа, пак, цените отидоа нагоре. Можеби ситуацијата немаше да биде толку драматична да немаше и извоз, кој дополнително ја осиромаши понудата, што беше повеќе од доволно цените да достигнат невидена височина.
Сите велат земјоделците се добитници од оваа ситуација, но дали е навистина така кога тие добро го продаваат родот, но драстично редуциран останува да покаже крајниот есап. Дотогаш ќе јадеме зелка, некој домат, краставица колку за лек, а ќе ги штедиме и резанките лубеница, па и килограмот праски ќе го распределиме за да ни стигнат за цела недела. Во меѓувреме може да се оближуваме пред преполните тезги на пазарите. |