Конзервативците маршираат во САД

Движењето „Ти парти“ се појави пред една година и' има сериозни политички амбиции
НЕШВИЛ - Активистите на „Ти парти“ викендов се состанаа во Тенеси за да расправаат околу централното прашање што се наѕира над политичкото движење во зародиш: каде води ова? Организаторите се обидуваат да го променат фокусот од исценираните политички собири кон победата на изборите. „Движењето ’Ти парти‘ се зголемува“, изјави адвокатот Џадсон Филипс, експерт по кривично право, од Нешвил, кој ја организираше националната конвенција на „Ти парти“. „Ако 2010 година е уште една година на собири, ние изгубивме“.
Изградбата на кохерентно движење нема да биде лесно. Активизмот на „Ти парти“ што минатата година се појави и понатаму останува климаво организиран концепт, што се одржува од општите уверувања дека политичарите и во двете партии се недостапни, дека фискалната одговорност се разгоре и оти мислењето на јавноста за Америка е засенето. Меѓутоа, движењето, предводено од илјадници независни конзервативни активисти што се организираат, главно, преку онлајн сајтовите за дружење, е склоно на заткулисни борби околу неговото лидерство и се поврзува со Републиканската партија. Исто така, има тензии меѓу оние што сметаат дека „Ти парти“ треба да остане основна организација и оние што се подготвени да се здружат со поетаблираните групи, кои може да понудат водство како да се организираат и водат кампањи.
„Сегашната форма на ова движење е нова, млада и кревка“, изјави републиканскиот кандидат за потпретседател во 2008 година, Сара Пејлин, во главното обраќање на конференцијата во саботата. „Нека не не' запираат мали пречки. Да дозволиме да бидеме фатени во големи идеи“.
Пејлин можеби не е официјален лидер на движењето, меѓутоа, нејзиното појавување во саботата, кое во живо беше пренесувано на малите екрани и на кое присуствуваа 1.100 активисти, ја нагласи нејзината способност да го долови духот на конзервативните корени. Поранешната гувернерка на Алјаска ја искористи „Ти парти“ во своите коментари и таа го засили нејзиното учество во движењето, со саботниот говор и појавувањето на собирите на „Ти парти“ во Невада и во Масачусетс во следните два месеца. Таа изјави дека има намера да ги поддржи, да води кампања и да собира пари за конзервативните кандидати во 2010 година. Пејлин апелираше до поширокото движење и до партискиот естаблишмент да соработуваат за избор на конзервативците. „Републиканската партија ќе биде навистина умна ако се обиде и придобие колку што е можно повеќе од движењето ’Ти парти’“, изјави таа. Портпаролот на републиканскиот Национален комитет се согласи со тоа. „Претседавачот Мајкл Стил верува дека колку повеќе се привлекуваат приврзаници толку подобро“, изјави Даг Хеј. Некои симпатизери на конвенцијата го имаа истиот став. „Јас сметам дека стратегијата на ’Ти парти‘ е да командува со републиканската машинерија“, изјави Роџер Веб, 65-годишен фоторепортер.
Што се однесува до политичките амбиции Пејлин не ја исклучи можноста за кандидирање на претседателските избори во 2012 година. „Сметам дека би било апсурдно да не се земе предвид тоа “, изјави таа за „Фокс њус“. Откако летото минатата година се повлече од гувернерската функција, таа напиша мемоари што се најдобро продавани и потпиша договор со „Фокс њус“ за да биде политички коментатор. „Фокс њус“ е во сопственост на „Њус корп.“, исто така, сопственик на „Волстрит џурнал“.
Пејлин не зборуваше без пари. Во новинарските извештаи се наведува дека нејзиниот хонорар за држење говори изнесува околу 100.000 долари. И Пејлин и Филипс признаа дека и' била исплатена одредена сума за нејзиното појавување на конвенцијата, меѓутоа, одбија да откријат за колкава сума станува збор. Пејлин се бранеше од критиките упатени кон неа со тоа што изјави дека таа лично нема да профитира од говорот, туку тие пари ќе ги пренасочи во фондовите за нејзиниот Комитет за политичка акција „СараПАК“, кој донира средства за републиканските кандидати.
Движењето „Ти парти“ може да се пофали со најмалку една победа во прелиминарните партиски избори. Капиталистот од Илиноис, Џо Волш, победи на натпреварот во шест фази на 2 февруари да биде кандидат на Републиканската партија.
Изборната храброст на движењето ќе се соочи со дополнителни тестови, бидејќи прелиминарните партиски избори на републиканците низ земјата се одржуваат пред ноемвриските општи избори. На сесијата во петокот на конвенцијата активистите дискутираа и за тоа како да се соединат околу конзервативните кандидати на почетокот од прелиминарните избори за да избегнат порази од делење на гласовите. (Волстрит џурнал) |