Читателите бараа лесна литература

Саемот на книгата не го оправда предзнакот меѓународен
Невена Поповска
Најнови изданија од домашни и од странски автори, попусти на книги до 80 проценти, средби со дел од писателите и презентација на нивните дела - вака помина најголем дел од 20. Меѓународен саем на книгата. За посетителите попустите во деновите на книгата се реални, а саемот е место каде што секој може да најде по нешто. Најзначајната и најмасовна културна манифестација во земјава - Саемот на книгата заврши викендот. Саемот претставува најголема концентрација на книжевни и илустрирани дела од странски и домашни автори и е најзначајна саемска манифестација. Понудата на учесниците издавачи од земјава и странство на годинашниов саем се одвиваше во „Метрополитен арената“ на 4.000 метри саемски простор. Претставувањето на новите изданија и авторите кои беа гости на штандовите на македонските издавачи се одвиваше на самите штандови, бидејќи годинава не беше предвидено постоење на промотивен центар, како што тоа беше практика во изминатите години. На штандовите можеше да се најдат најновите светски бестселери, монографии, дела од областа на популарната психологија, уметност, архитектура, детска литература, а најбарана, според издавачите, е белетристиката.
Македонските автори сметаат дека тие и нивните дела се поставени на маргините на саемот. Дека не им се посветува доволно внимание и простор. Тие апелираат поголемо внимание да се сврти кон нив, бидејќи многу е битно да се зачува и презентира домашното творештво. Дел од нив задоволни се од саемот, за другите недостасува поголема организација, за деновите на книгата да бидат културна манифестација, а не панаѓур.Но, од друга страна вниманието и просторот се ограничени. Основен интерес на издавачите е да продадат што повеќе наслови, така што се разбира дека тие го следат вкусот на читателите. Македонските читатели покажаа дека се подеднакво свртени и кон домашните и кон странските автори. „Го читам Уелбек“, ни рече еден од посетителите. „Сакам од Горјан Петрески да земам некоја книга и ја одбрав Спомените на Споменка“- вели друг.
Издавачите задоволни се од посетеноста на саемот, велат дека купувачите најмногу ги привлекувале добро спакуваните книги. Најбарана на саемот е лесната литература - велат тие. Тука се вбројуваат странските бестселери, за кои и рекламата е најголема. Стручната литература и оваа година потешко се наоѓаше. „Во моментов бараат некоја лесна литература. Не роман со примеси на филозофија туку таков што ќе ги опушти“ - велат во „Култура“. „ Тешко е да се најде стручна литература затоа што сме мал пазар“ - смета Александар Саздовски од „Три“.
Годинава читателите на саемот имаа можност да добијат автограм од дел од авторите на нивните омилени книги. И покрај тоа што немаше промотивен простор, „Матица“ успеа на својот штанд да предизвика внимание со промоцијата на книгата „Скриена Македонија“ од Кристофер Делисо, на штандот на „Три“ гостуваше Владислав Бајац, кој ја промовираше својата најнова книга „Книга за бамбусот“, „Макавеј“ организираше средби со Блаже Миневски и Љубиша Георгиевски, на штандот на „Детска радост“ се промовираа книги за најмладите придружени со настапи на деца од предучилишните установи итн. „Задоволни сме од публиката и на овој саем треба да му се посветува многу поголемо внимание. Малку промоции има“ - тврдат писателите.
Издавачите на секој можен начин настојуваа да го привлечат вниманието на читателите. Тие годинава беа задоволни што и покрај недоразбирањата со Скопски саем, сепак манифестацијата го задржа традиционалниот термин, зашто одржувањето на саемот беше доведено во прашање по предлогот за нов термин во мај. Исто така, издавачите се задоволни што за ова 20-то јубилејно издание на Саемот сите заедно ќе бидат сместени во репрезентативен простор, наместо да бидат разделени како во минатите години во двете последни хали. „Ја побаравме првата хала и постигнавме компромис. Со приматот што го добивме за јубилејот сметам имавме успешно претставување и посетеност“- рече Ели Маказлиева, претседателка на Здружението на издавачи и книжари на Македонија.
Покрај Здружението на издавачите и книжарите на Македонија, во организацијата на саемската манифестација учествуваа и Здружението на албанските издавачи во Македонија и Конзорциумот на издавачи, книжари и печатари на Република Македонија, кој се придружи кон ЗИКМ и на крајот на Деновите на книга додели признанија во неколку категории.
Претседателот на конзорциумот Христо Петрески, смета дека „министерството за култура треба повеќе да се посвети на саемот на книга зашто, како што рече, се работи за врвна литературна манифестација. Според него, недостаток на саемот е малиот број странски учесници и смета дека на тоа треба да се работи за манифестацијата да го оправда предзнакот меѓународна.“
И од Здружението на албанските издавачи, претседателот Рамадан Рамадани изрази задоволство од реализацијата на манифестацијата.
Може да се заклучи дека во целина и читателите и издавачите се задоволни. Читателите поради попустите на книгите, а издавачите заради заработувачката. Издавачките куќи тријат раце. Велат дека годинава имало голем интерес. Најмногу се продава белетристиката, но и книгите за македонското прашање.
Но, за жал, Саемот на книгата и годинава, не го оправда епитетот меѓународен. Од странските издавачи видовме неколкумина и тоа од нашето поблиско опкружување. Причината за тоа беше лоцирана во малиот пазар во нашата земја.
|