Новиот албум на Тоше ќе се вика „Forever Ended Day“ или „Hardest Thing“

„Forever Ended Day“ или „Hardest Thing“ се двата наслови кои влегоа во најтесниот избор за име на новиот албум на англиски јазик на Тоше Проески. Енди Рајт (46), британски композитор и продуцент, кој во својата богата кариера пишувал песни за Бритни Спирс, „Симпли ред“, Лучијано Павароти и Бочели и кој пред две години ја презеде грижата за Тоше Проески, предлага тоа да биде „Forever Ended Day“ (според песната „Forever“ која заедно ја напишале и симболично зборува за денот кој заврши засекогаш), додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ инсистира на „Hardest Thing“, првиот сингл, кој официјално беше пуштен во јавноста заедно со видеоспот.
Сепак, конечната одлука ќе ја има семејството на Тоше. „Албумот ќе го издадат сите дискографски куќи во Хрватска, Србија, Македонија, Словенија, БиХ и Црна Гора со кои соработувавме и досега, а промоцијата ја планираме во септември на Градскиот стадион во Скопје, каде што ќе биде промовиран и документарниот филм што го снимавме во последните две години“, вели Петровиќ.
Менаџерката неодамна во Дубровник го пречека Енди Рајт, кој пристигна за да го исполни ветувањето дадено кон Тоше. „Тоа му го ветив пред две години на Јамајка. За жал, не се сретнавме во овој прекрасен град за да се договориме за неговиот втор странски албум, како што планиравме тогаш, но морав да го одржам ветувањето и дојдов со снимен албум и предлози за вториот, иако знам дека тој никогаш нема да биде снимен“, изјави Рајт за хрватска „Глорија“.
Тој првпат го слушнал Тоше во април 2006 во Лондон. „Пееше сјајно, изгледаше одлично, не можев да верувам дека тој човек нема никаква мана. Беше харизматичен и сигурен сум дека пред него стоеше светска кариера. Цврсто верувам дека овој албум ќе постигне голем успех. Сите теми на него се одраз на животната радост и на нив не се чувствува трагичниот крај на Тоше“, додаде Рајт, кој за време на посетата на Дубровник и' ја понудил на менаџерката Петровиќ целата своја помош околу контактите со цел новиот албум да стигне на странскиот музички пазар. |