Отворен Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство

Коичиро Мацура изрази уверување дека Владата ќе продолжи да го развива Центарот
Катерина Богоева
Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство сместен во Музејот на современата уметност, прексиноќа беше свечено отворен од страна на Министерот за култура Арификмет Џемаили и генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура по овој повод престојуваше во официјална посета на земјава, предводејќи ја делегацијата што ја сочинуваа и водечките личности од Регионалното биро за наука и култура – БРЕСЦЕ во Венеција.
„ Центарот претставува важен чекор на земјите од Југоисточна Европа во соработка со УНЕСКО, во развивањето на нивните напори за промовирање и зачувување на своето разнообразно културно наследство за денешните и идните генерации. Ваквите напори се цврст темел за развој и мир засновани на толеранција и разбирање “- изјави на свеченоста на која присуствуваа поголем број претставници на надлежните институции од земјава и на дел од меѓународните организациии, Мацура, изразувајќи истовремено и благодарност до УНЕСКО и Владата на Италија чиј финансиски придонес го осигура не само создавањето на Регионалниот центар, туку и раставрацијата на МСУ. Тој изрази и уверување дека Центарот наскоро ќе стане референта точка за регионот, но и дека македонската влада ќе настојува уште повеќе да ги развие неговите човечки и технички капацитети.
Министерот за култура Арификмет Џемаили,претседател на Националната комисија на УНЕСКО, меѓудругото посочи дека со дигитализацијата ќе се овозможи заштита на културното наследство во случај на негово оштетување или целосно уништување, во случај на климатски непогоди-катастрофи, воени дејствија или човечка негрижа. Со работата на Центарот кој чини 330 000 евра, ќе раководи Управата за заштита на културното наследство, а сеуште не е прецизиран бројот на стручни лица кои треба да го отпочнат комплексен процес на евиденција, регистрирање и дигитализација на целокупното културно наследство во земјава. Предвидено е најнапред да се дигитализира недвижното, а потоа движното наследство. За стручните лица е предвидена обука во рамките на актуелниот проект „Минерва“. |