За породување во приватна болница, Фондот би враќал 200 - 350 евра

За царски рез би се рефундирале 500 - 800 евра доколку ФЗО почне да ја применува одлуката на Уставен суд
Јасмина Јовановска
Идните мајки што сакаат да се породат во приватни болници по природен пат, што чини од 900 до 1.040 евра, може да очекуваат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) да им бидат вратени од 200 до 350 евра во зависност од тежината на породувањето. На толку рефундирани пари може да се надеваат мајките доколку ФЗО почне да ја применува одлуката на Уставен суд, според која на државна сметка може да се лекуваат и во приватни болници и би се враќале пари во согласност со актуелните цени на услугите признати во јавното здравство. Доколку, пак, породувањето е со царски рез, тогаш ФЗО би вратил од 500 до 800 евра, интервенција која чини од 1.400 до 1.600 евра. Но, од Фондот за здравствено осигурување и од Министерството за здравство се' уште не се изјаснуваат како ќе ја применуваат одлуката на Уставен суд. Денеска се очекува здравствените власти да ги изнесат предложените мерки пред Владата, па дури потоа да обелоденат што ќе значат тие.
Во меѓувреме, доколку за одредена здравствена услуга пациентите се обратиле во приватна здравствена установа, имаат право да поднесат до ФЗО барање за рефундација на платената услуга. Од скопската единица на Фондот велат дека ќе бидат прифатени барањата на пациентите, но како ќе одговорат на нив не се знае се' додека не добијат инструкции од централата на ФЗО. Доколку за еден месец не се добие упатство како да се постапи во врска со овие предмети, можно е да се случи да има негативен одговор за нив, со право на жалба до Второстепената комисија во Фондот. Од претходните искуства, кога Фондот, исто така, рефундираше за здравствени услуги во приватни болници, и тоа најчесто за породувања, жалбите најчесто биле позитивни, со што се враќале пари до висината на цената на услугата во јавното здравство, намалена за партиципацијата.
И во приватните болници и ординации велат дека пациентите се збунети, но дека сега многу внимаваат да им се издаде фискална сметка.
Согласно со актуелниот ДРГ-систем на референти цени на здравствените услуги, за колоноскопија - ехоснимање на дебелото црево, ФЗО им признава на јавни здравствени установи цена од околу 90 евра, додека за ехоснимање на желудникот - гастроскопија околу 80 евра. Во приватните болници цената е слична, само што има разлика дали се користи и анестезија, за која се плаќа околу 35 евра. За операција на кила, ФЗО признава од 300 до 630 евра, додека за лапароскопска операција на жолчка - 636 евра, а 1.300 евра за класична интервенција. На овие цени се одзема партиципацијата од 20 отсто, останата сума би требало Фондот да ја надомести доколку се оперирале во приватните болници.
Но, неофицијални извори велат дека Фондот можеби ќе оди на намалување на цените на здравствените услуги, па може и рефундациите да бидат помали. Или, пак, ќе ги ограничи упатите кон приватните болници. Во спротивно, со одлуката на Уставен суд, можно е да колабира јавниот здравствен систем. |