29.04.2012, 17:53 Ќе дојдат ли на ред министрите?

„Времето ќе покаже дали е шпекулација или вистина дека ќе заминам на амбасадорска функција“, вели министерот Миле Јанакиески
Жаклина Хаџи-Зафирова
Ќе ги поклопи ли новиот бран на ВМРО-ДПМНЕ и министрите, за кои се' повеќе во јавноста се шират шпекулациите дека дел од министерските кабинети ќе треба да се проветруваат. Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, чие име се споменува во комбинаториките, вчера ниту негираше, ниту пак потврди дека ќе замине на некоја од амбасадорските функции.
„Времето ќе покаже дали е шпекулација или вистина дека ќе заминам на амбасадорска функција“, изјави министерот Јанакиески во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Неофицијално, и други министерски имиња се споменуваат во врска со новиот бран, а меѓу нив и министрите за внатрешни работи, здравство, како и министерот за образование и наука. Некои шпекулираат и дека секторот образование ќе оди во рацете на ДУИ, кое, наводно, самите го барале.
Но, тоа е само дел од неофицијалните информации кои се вртат во јавноста која овие две недели е преокупирана со тоа да чуе нови имиња кои ќе се најдат на листите за смени. ДУИ, исто така, најави смени, но извештаите за работата на нивните функционери допрва ќе се разгледуваат.
Политичките аналитичари и поранешни функционери велат дека целата кампања „Нов бран“ не е случајност и дека е вешт обид вниманието на јавноста да се сврти од актуелната тема - Самитот на НАТО во Чикаго.
Премиерот Никола Груевски, вчера, во изјава за медиумите, оцени дека постои голем одѕив кај граѓаните кои сакале да се вклучат во „Новиот бран“. Тој најави дека дел од функционерите што ќе бидат сменети е можно по извесен период повторно да бидат ангажирани. Премиерот наскоро најави нови мерки кои ќе бидат со цел да им помогнат на граѓаните, а дел од нив ќе произлезат од Манифестот за развој и реформи.
Јанакиески во вчерашното интервју вели: „Го водам Министерството секој ден како да ми е прв и секој нов ден имам се повеќе мотив и елан да остварувам нови проекти бидејќи во овие шест години успеав да реализирам голем број проекти, но секогаш има нови предизвици, нови проекти“. Така што, се' уште имам елан да го водам ова министерство“. Според него, дел од луѓето се замориле од досегашните ангажмани.
Дел од министрите на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да даваат официјални изјави на оваа тема. Единствено, неофицијално коментираат дека „се' ќе се знае во периодот кога се одржува Самиот на НАТО“. Дали пред или после, останува да се види. Во меѓувреме, партијата објави повик за кандидирање на претседатели на општински и задгранични комитети. Конкурси има за 21 град во Европа и за 23 градови и општини во земјава.
Иако се очекуваше за новиот бран смени да расправа и ДУИ на седницата на Централното претседателство, која се одржа во саботата, такво нешто не се случи. Донесена е одлука извештаите за работата на функционерите на ДУИ да се разгледуваат на седницата на Централниот одбор на партијата која ќе се одржи на 12 мај. Централното претседателство, исто така одлучило да се одржат избори во сите ограноци на партијата, како и во Форумот на жените и во Форумот на младите.
Владо Бучковски, од позиција на екс-премиер, вака ги коментира шпекулациите за можни кадровски освежувања во Владата:
„Ова, мора да се признае, е вешт ПР обид да се пренасочи вниманието од сериозните проблеми на економски и социјален план. Наместо да се говори за Самитот на НАТО, преокупирани сме со една операција која во нормални демократски држави е нормален политички потег на партија која е долго на власт“, вели екс-премиерот Бучковски. Тој не очекува дека новиот бран ќе ги опфати најблиските соработници на премиерот, меѓу кои ги спомена Јанкулоска, Ставрески и Јанакиески. А се' друго, како што рече, „зависи од него“. Бучковски во смените не гледа ништо спектакуларно. „Директорските смени и дали новите директори ќе бидат подобри од досегашните ќе се види. Ова е добро осмислена ПР стратегија која може само на премиерот да му донесе полза. Иако не верувам дека Владата ќа ја направи поефикасна, ниту пак дека новите директори ќе бидат подобри од претходните. Но, успеа веќе втора недела да ја држи оваа тема со што ќе ја оствари целта, дека тие се менуваат, а од друга страна имаат и кампања дека СДСМ, наводно не се менува“, објаснува Бучковски.
Заднината на смените, според него, е вовед во кампањата за локални избори, каде предвидува повеќе изненадувања. Поточно, дека владејачката партија ќе исфрли партиски необоени личности за да ги освои неопределените. |