Број 2564  среда, 19 декември 2007
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Шарена
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска


Site Meter
Култура

Ран неолит и бронза на трасата „Злетовица“

Најголемо изненадување засега се тајните што ги открива локалитетот Грнчарица

КАТЕРИНА БОГОЕВА

Заштитните археолошки ископувања на трасата каде треба да се протега хидросистемот „Злетовица“ започнати во септември, и во овој снежен период од годината откриваат значајни сознанија за историјата на Македонија

Ископувањата се одвиваат во две фази, во актуелнава прва, до крајот на годинава се опфатени 20 локалитети што се протегаат на просторот од општината Жиганци до Свети Николе и од Горни Балван до Штип, а со работа на дел од нив ќе се продолжи и идната година. Археолозите се надеваат дека до крајот на април, ќе го доистражат просторот каде ќе се протега трасата, доколку како што потенцира раководителот, археологот виш - конзерватор Трајче Нацев од Заводот и Музеј во Штип, не се појават одредени локалитети со архитектура и објекти од исклучително значење, на кои ќе треба да им се посвети поголемо внимание. „Само тогаш ќе бидеме приморани да правиме нови договори со инвеститорот, за да се сменат само тие делови од трасата. Досега го истраживме локалитетот Жиган Дол, во село Жиганци, работиме на локалитетите Грнчарица во село Крупиште, Богослов камен, Крстот и Поткрстот во атарот на селото Горни Балван, како и на локалитетот Дупина. Ослободен за ископ е и локалитетот Садовина кој се наоѓа во истиот атар, а завршивме со истражувањата на локалитетот Герем. Мислам дека за идната година ќе остане да се работи на Грнчарица и Потшколо, а ќе продолжиме и на новите локалитети: Киево, Емирица и на локалитетите во атарот кај Свети Николе. Откривме значајни наоди за археолошката наука и за културниот идентитет на Македонците и се надеваме дека така ќе биде и до крајот“ - вели Нацев. Екипата која работи на терен и воедно ги документира материјалите ја чинат стручни лица од заводите и музеите од Штип и Струмица, од народните музеи од Гевгелија и Велес, од Музејот на Македонија, археолошките збирки при Библиотеката во Кочани и Домот на културата во Валандово и невработени археолози од Велес, Скопје, Битола, како и студенти од Факултетот за археологија при Филозофски факултет од Скопје.

Несекојдневно доживување


Локалитетот Потшколо

Следењето на заштитните ископувања е несекојдневно доживување, бидејќи истите се вршат на неколку години и се ограничени со покуси временски рокови. Во штипското село Стар Караорман, на локалитетот Потшколо, се открива простор на кој, при поставувањето на цевките, се појавиле остатоци од бронзеното време, а самиот новооткриен локалитетот е дел од поширок простор од селото, познат по повеќеслојните остатоци од неолит, енеолит, бронза и железно време. „Оваа ранодопска населба е мошне интересна, бидејќи сега - засега во штипскиот регион за прв пат откриваме наоди од бронзениот период. Знаевме дека ги има, но не претпоставуваме дека ќе ги сретнеме токму овде на рамново, бидејќи во принцип таквите населби се протегаат на повисоки места. Механизацијата направила минимална штета, остатоците од архитектурата малку се пресечени од каналот и продолжуваат од другата страна. Откриваме куќна керамика, делови од огниште, рачни мелници“ - вели археологот Златко Видевски од Музејот на Македонија.

„За доцната бронза кај нас се знае повеќе, но за нејзиниот ран период, кој го откриваме тука, помалку“, изјави Видевски.

За да бидат заштитени од различни притисоци, со оглед дека се работи за голема инвестиција со определени временски рокови, археолозите формирале комисија која може да ги продолжи или да прекине активностите на теренот. Нејзин претседател е археологот Зоран Георгиев од Националниот конзерваторски центар, а членуваат и археолозите Виктор Лилчиќ, Драги Митревски, како и инспекторите за заштита на културното наследство Звонко Николовски и Илчо Бојчевски.

Римски водовод

Трајче Нацев, раководител на истражувањата

Вистинско изненадување се и откриените остатоци од водовод од римскиот период, керамички цевки до кои за прв пат археолозите дојдоа на локалитетот Гереб. „Карактеристично е што остатоците од водоводот ги откривме точно каде ќе минува хидросистемот “Злетовица, што говори дека од стари времиња, трасата се користела како најповолна за довод и одвод на вода. Сеуште не се знае од каде до каде во тој период се пренесувала водата, бидејќи ова е кратко ископување и можеме само да даваме претпоставки. Во близина постојат два римски локалитети, во селото Караорман и кај старите бунари кои се користат за потребите на филтер станицата во Штип, а водата се носела во периодот од 2 до 3 век. Претпоставуваме дека водоводот се користел и во средниот век“ - изјави археологот- конзерватор Митко Штерјов, од Заводот и Музеј Штип. Локалитетот Гереб е целосно истражен во должина од околу 250 метри.

Сепак, најголеми изненадувања во досегашните заштитни истражувања понуди локалитетот Грнчарица со откриените материјали од најраната, А фаза на неолитот. Иако при првичниот увидот на трасата археолозите најпрвин наишле на керамика од римскиот период, претпоставувајќи дека станува збор за вила рустика, веднаш по симнувањето на хумусниот слој на длабочина од 30 см, се појавиле орудија и различни парчиња керамика кои укажале на постоење на сосема нешто ново, на податоци датирани околу 7000 год. пр.н.е. За откриените податоци говореше, археологот виш конзерватор Трајанка Јовчевска од Народниот музеј во Велес посочувајќи на остатоци од ѕидови од првите обиди за живеење во куќи, на голем камен во близина каде тогашните луѓе ги доработувале орудијата од кремен. „Овде е најраната фаза на Азамбегово - Вршничката културна група. Откриените орудија се од кремен, кој и денес го има наоколу, а во овој историски период, ниту керамиката не е ударна, сеуште доминира дрвото. “посочи Јовчевска.

Идната година на трасата каде што ќе се протега Хидросистемот „Злетовица“ од Таринци до Карбинци треба да се работи на 4 археолошки локалитети, а од Свети Николе до Лозово на 9 локалитети. Заводот и Музеј од Штип како институција за прв пат се јавува како носител на ваков тип ископувања.


#
Статијата е прочитана 615 пати.

Испрати коментар

Од: Kate
Датум: 19.12.2007 12:43:54
nema spas od divite kopaci.Dodeka ne se iskopa se da ne se objavuva vo javnosta.

Најди! во Утрински
Култура
Концерт на европска музика
„Јас сум од Титов Велес“ на фестивал во Берлин
„Политички записи“ со длабока антиполитичка содржина
Симфониски концерти за најмладите