Од штипската вампирска куќа ќе се слушаат вести на Турско радио

Наши стручњаци спијат во куќата и до сега не виделе вампир, велат од радиото
ИВАН БОЈАЏИСКИ
ШТИП - Штип има повеќе знаменитости, а една од нив е и познатата Куќа на вампирите или Вампирската куќа како што ја нарекуваат штипјани. Таа се наоѓа на улицата „Вита Поп Јорданова“, во близина на Градската библиотека. Иако куќата е во центарот на градот, во неа долго време не живееше никој, а се' поради приказните за вампирите кои се јавувале на полноќ и ги вознемирувале станарите во неа. Таквите приказни беа причина што сопственикот не можеше да ја продаде или да ја издаде под кирија.
Но, од пред три месеци куќата има нов сопственик, кој целосно ја реновира. Турски бизнисмен Омер од Истанбул ја купил куќата и ја наменил за радио кое ќе има програма на турски и на македонски јазик. Во неа се прави големо и мало студио, канцеларии за новинарите, се инсталира опрема.
„Целосно ќе бидеме подготвени најмногу за еден месец, но со програмата ќе стартуваме кога ќе добиеме концесија од Советот за радиодифузија. Ништо нема да правиме што е надвор од законот. На приказните за тоа дека во оваа куќа се појавувале вампири, за кое нам ни говореа и пред да почнеме со работите, само слатко се смеевме. Наши луѓе, стручњаци од Турција и од Македонија, кои работат на проектот, спијат токму во таа куќа и за овие три месеци не им се има случено ништо необично. Никој и ништо на полноќ, а и преку ноќта не ги има вознемирено нашите луѓе“, вели Енвер Усеинов, директор на проектот.
Приказните за непознати ноќни посетители кои ги вознемирувале станарите и од чие присуство се кршеле стаклата на куќата траат над две децении. Некои штипјани сметаат дека на луѓето кои се обиделе да живеат во неа им се причинувале вампири само поради приказните кои се плетеа.
Олмер Ајднер е стручњак за електроника, човек кој ја инсталира опремата, кој тврди дека во Истанбул барем половина од радиостаниците се негова креација. Тој три месеци спие во куќата, а на приказните за вампирите само одмавнува со рака. „Во куќата се' е во најдобар ред, спиеме спокојно и никој и ништо не не' вознемирува, освен возилата кои минуваат под прозорците зашто куќата е на самата улица“, вели Олмер. Директорот Усеинов потенцира дека радиото ќе било непрофитно, а негова основна цел е да понудат програма во која најважни ќе бидат информациите на турски и на македонски јазик. „Побаравме концесија за регионално радио зашто на овој простор живеат над 30.000 граѓани од турска националност. Голем дел од нив, посебно оние од јуручијата во селата високо во Плачковица во Штипско и во Радовишко, не знаат македонски. Ќе даваме информации кои им се потребни на овие луѓе кои ќе одат и на македонски јазик. Можеби некогаш ќе направиме сторија во која ќе ја расветлиме мистеријата која куќата ја следеше толку долго време“, вели Усеинов. |