Старата скопска чаршија со програма за ревитализација

Програмата ќе се спроведува пет години, а чаршијата доби и веб-страница
Катерина Богоева
Во Чифте амамот вчера, претседателката на Националниот совет за ревитализација на Старата скопска чаршија, Јасминка Хаџиева Алексиевска ја претстави изготвената Програма за ревитализација на Чаршијата, а во промоцијата на овој значаен документ за заштита на старото градско јадро учествуваа градоначалникот на општината Чаир, Изет Меџити и Министерската за култура Елизабета Канческа Милевска. Беше промовирана и веб - страница за Чаршијата изготвена од страна на Министерството за култура (www. skopskacarsija.gov.mk) каде граѓаните можат да се информираат за националната програма, за културно -историските споменици во вредното градско јадро, a беше прикажан и краток видео спот изготвен во соработка со Сојузот на стопански комоти и Кинотека на Македонија.
Посакувајќи им добредојде „од најубавиот дел на Скопје“ на преставниците на државните и општинските власти, на дел од верските и културни институции градоначалникот Меџити потенцираше дека Програмата во чија изработка партиципирала и општината Чаир, ја смета за доказ за сериозниот пристап во решавањето на посакуваното оживување на Чаршијата. „Се надевам дека со нашите досегашни активности колку - толку ги инициравме институциите на централната власт, да почне посериозно да размислува за враќање на сјајот и на богатството на Чаршијата“ - рече тој.
Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска потсети дека 13, од бројните профани и сакрални објекти во централното јадро на Чаршијата се веќе реставрирани, и дека во 2008 година, за неа е донесен Закон со кој се уредуваат клучните прашања во поглед на практичните аспекти на заштитата на оваа споменичната целина. „Програмата за ревитализација како стратешки документ ќе овозможи преземање на долгорочни мерки за ревитализација, одржлив развој, стопанско и културно реактивирање на оваа целина. Во него се опфатени сите аспекти неопходни за зачувување на нејзиниот идентитет, но и за нејзината афирмација и понатамошен развој во рамките на урбанистичките планови. Програмата ќе се спроведува во период од 5 години, а врз нејзината основа веќе се изработуваат и акциони планови кои ќе овозможат трајно зачувување на нејзините вредности“ - рече меѓу другото Министерката за култура истакнувајќи дека со помош на партнери од Франција се работи на проект за инвентаризација, со која досега се опфатени 300, од постојните 650 поединечни објекти во вредното градско јадро. |