На пратениците им се важни само канцелариите
Надградбата би била лесна конструкција од стакло и од алуминиум
ОЛИВЕРА ВОЈНОВСКА
Македонските парламентарци дадоа виза за реконструкција на зградата на Собранието, уверени дека тоа е најдобриот начин за да го решат проблемот со обезбедување канцеларии. Според замислата на спикерот Љубиша Георгиевски што им ја изнел на координаторите на пратеничките групи, надградбата би била лесна конструкција од стакло и алуминиум, како куполата на Рајхстагот. Парламентот ќе се доградува еден или два ката. Тоа дополнително ќе се одлучи во зависност од статиката. Парите за овој амбициозен градежен зафат ќе се обезбедат од буџетот за наредната година, а доколку се остварат оптимистичките прогнози на пратениците и брзо се направат подготвителните работи, изградбата би почнала во август 2007 година за време на летните одмори, кога Собранието вообичаено не заседава.
Одлуката за утврдување на потребата и постапката за изведување на реконструкција, доградба и надградба на парламентарната зграда, Собранието, ја донесе завчера во доцните попладневни часови и без расправа. Пратениците, практично, воопшто не пројавија интересирање за дебата за ова прашање, со исклучок на неколкумина - Валентина Божиновска и Марјан Додовски од ВМРО-Народна, Есад Рахиќ од СДСМ и Мендух Тачи од ДПА, кои го соопштија личниот став зошто се против ваквото решение за надминување на просторните проблеми. За ваквата одлука позитивно се изјаснија 56 пратеници од редовите на владејачките партии, петмина беа „против“ и шест гласаа „воздржано“. Иако, СДСМ и ЛДП се потписници на спомнатата одлука, сепак, при гласањето социјалдемократите беа воздржани, а либералдемократите не беа во собраниската сала.
Пратеничката Божиновска апелираше пратениците уште еднаш да размислат, бидејќи станува збор за објект од културата заштитен со закон. И нејзиниот партиски колега Додовски сугерираше да се бараат други решенија. „ Треба да се разгледаат други варијанти што ни стојат на располагање, бидејќи како и да се надградува или доградува, изгледот на зградата ќе се наруши. Според мене, со последното реновирање на влезовите и фасадата, зградата на парламентот само се нагрди“, смета Додовски. Спикерот Георгиевски од претседавачкото место им дофрли да не се грижат, бидејќи за реконструкцијата ќе биле консултирани сите релевантни институции.
Социјалдемократот Есад Рахиќ, исто така, смета дека не треба да се чепка зградата на парламентот. „Собранието архитектонски треба да остане какво што е, бидејќи секоја доградба-надградба ќе го наруши амбиентот. Проблемот со канцеларии за пратениците ќе се реши со преселување на претседателот на државата и неговиот Кабинет од зградата на Собранието. Може да се искористи и зградата на Заводот за статистика, така што нема потреба да се доградува парламентот“, рече Рахиќ. Заменик-претседателот на ДПА, Мендух Тачи, констатира дека „предлогот на Рахиќ е попаметен - институцијата претседател треба да се пресели од парламентот“, а потоа соопшти дека нема да ја поддржи одлуката за реконструкција на собраниската зграда.
И новоизбраниот потпретседател на парламентот, Иван Анастасовски, од НСДП не се согласува со идејата за надградба на парламентот, но, сепак, рече дека ќе гласа за предлогот.
Во одлуката, инаку, е наведено дека за реализација на овој градежен зафат ќе се формира комисија, во која ќе има вклучено архитекти и претставници од Управата за заштита на културното наследство. За идејниот проект за реконструкцијата ќе биде распишан меѓународен урбанистичко-архитектонски конкурс.
|