16.02.2009, 19:07 Единаесет кандидати за скопската фотелја

Голема битка ќе се води за Општина Центар
Жаклина Хаџи-Зафирова Деспина Трајковска
Дури единаесет кандидати ќе ги одмеруваат силите за градоначалничката фотелја во Скопје, а за функцијата градски татко се кандидира и една жена. Речиси до последен момент партиите калкулираа со можните кандидати, а официјалните кандидатури повеќето од нив ги поднесоа непосредно пред истекување на законскиот рок, кој заврши во неделата на полноќ. Речиси мал е бројот на кандидатите кои се познати за пошироката јавност, особено оние кои се на листите за општинските градоначалнички места во Скопје. Но, тоа не важи и за кандидатите за главниот град.
Адут на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје ќе биде актуелниот градоначалник на Гази Баба и претседател на ЗЕЛС, Коце Трајановски. На вчерашната промоција на градоначалничките кандидати за скопските општини, Трајановски напомена дека му треба заедништво на Скопје. „Јас и овие градоначалници се обврзуваме како тим да им го понудиме на жителите на Скопје она што го заслужуваат, Скопје да биде вистинска метропола“, истакна Трајановски. Негов главен опонент ќе биде лидерот на НСДП, Тито Петковски, кој ја има подршката од СДСМ. Вистинско изненадување е кандидатурата на професорката Мирјана Најчевска, која ја промовираше ЛДП, а која ќе биде единствена жена меѓу единаесетте кандидати за градоначалник на Скопје.
Како што најави, кандидатура поднесе и лидерот на Социјалдемократската унија, поранешниот министер за одбрана Лазе Еленовски. Кандидатури официјално поднесоа и Страшо Ангеловски од ВМРО-ДП и ТМРО-ВЕП, Трпе Груевски од СДПМ, Јанко Бачев од НДМ и Душко Поповски од ЛПМ. ВМРО-Народна партија го кандидираа Драги Колчаковски, кој дојде на местото на почесниот претседател на партијата, Љупчо Георгиевски, кој првично беше најавен како име со кое ВМРО-НП ќе истрча на локалните избори. Од изборите се повлече и лидерката на ДОМ, Лилјана Поповска. Од албанскиот блок, во градоначалничката трка влегуваат ДУИ и Нова демократија, чии кандидати се Шефкет Зеколи и Аргетим Нагавци од НД. ДПА, пак, реши да настапи само со советничка листа што ќе ја предводи Мевљан Љатифи.
Според сите процени, се чини, најинтересна и непредвидлива битка ќе се води за градоначалничката фотелја во Центар. Таму силите ќе ги одмеруваат сопственикот на маркети „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Мирослав Вуиќ од СДСМ. Во трката за Аеродром, најголемата скопска општина, најбројните опозиционери ќе го кандидираат дипломатот Тихомир Илиевски, додека владејачката партија оди со директорот на Јавното станбено претпријатие, Ивица Коневски.
Во Општина Карпош двете најбројни партии ќе понудат познати, докажани кандидати. СДСМ ќе го поддржи ексградоначалникот на оваа општина Стевче Јакимовски, кој е кандидат на ЛДП, а ВМРО-ДПМНЕ му ја укажа довербата на актуелниот в.д. градоначалник Саша Димиќ. Поранешниот министер за земјоделство и ексградоначалник на Кисела Вода Марјан Ѓорчев е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во оваа општина, а негов противкандидат од СДСМ е актуелниот член на Советот од оваа партија, Благоја Симоновски. Државниот секретар во Министерството за труд и социјала, Душко Миновски, како кандидат на владејачката партија ќе се бори за градоначалничката фотелја во Чаир, а за истата функција кандидат на опозиционерите е актуелниот член на Општинскиот совет Љупчо Паскоски.
Меѓу познатите градоначалнички имиња на кои типува владејачката партија се и градоначалниците на Бутел и Ѓорче Петров, Петре Латиновски и Сокол Митревски, кои по втор пат ќе се обидат да ја добијат довербата од граѓаните. Опозиционерите, пак, за овие места ги номинираа Миодраг Цениќ, долгогодишен новинар, и Мирко Симоноски, поранешен претседател на Општинскиот комитет на партијата.
Инаку, и двете партии до последен момент ги изготвуваа и списоците на советнички листи, за кои де факто се лепат гласови. Носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје е универзитетскиот професор Владо Поповски, а меѓу топ-десет на листата се наоѓаат и лекарите Борче Георгиески, Антони Новотни и Ненад Јоксимовиќ, како и Есма Реџепова и актуелната претседателка на градскиот Совет, Ирена Мишева. Предводник на градската советничка листа, пак, на СДСМ е актерот Петар Арсовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ типуваат и на општинските советнички листи на кои предводници, меѓу другите, се лекарите Емил Угриновски за Општина Карпош и Виктор Камиловски, директор на Градска болница, како носител на советничката листа во Општина Аеродром. Опозиционерите, пак, на чело на речиси сите општински советнички листи ги номинираа претседателите на општинските партиски комитети. |