Буџетот не е само за вработувања

Неквалитетни службеници се подложни на притисоци, влијанија и корупција
Катица Чангова
„Шеесет и пет проценти од буџетот се троши за плати на администрацијата, која брои неверојатни 150.000 редовно вработени и ангажирани со договор. Овој огромен чиновнички апарат наспроти 270.000 пензионери, 340.000 невработени и 100.000 лица што примаат социјална помош, мора да се димензионира и да се направат сериозни реформи што се одложуваат со години. Немојте сите пари што ги собираме од граѓаните да одат во стомаци, треба нешто да се врати и на стопанството“, апелираше професорот и декан на Правниот факултет, Борче Давитковски, од вчерашната трибина во Скопје, на тема „Партискополитичкото влијание во државната и во јавната администрација“, во организација на Антикорупциска комисија.
Давитковски нагласи дека со секоја промена на власта администрацијата доживува цунами, се менува партиски, а трпат и граѓаните и државата.
„Македонски рецепт, кој може да се патентира за тоа како не треба да се спроведува еден закон, е практикувањето на Законот за државни службеници од 2000 година кога по изборите во 2002 и во 2006 година е направен цунами во првиот слој на раководните државни службеници.
Тогаш околу три до четири илјади раководни државни службеници се сменети врз основа на измена на актите за систематизација“, нагласи Давитковски.
Според него, крајниот производ од мешањето на политиката се неквалитетни службеници, кои се подложни на притисоци, влијанија и на корупција. Затоа политичката волја е клучен фактор за изградба на вистинска демократска и професионална администрација, која ќе биде сервис на граѓаните, а не сервис на власта.
За разлика од Давитковски, кој предлага шест месеци пред иборите и по нив да нема унапредување на административците, министерот за правда, Михајло Маневски, со поинаков став - дека квалитетот и стручноста се пресудни за вработувања и за напредување во кариерата.
„Партиската книшка не треба да биде основен критериум за вработување, туку стручноста, компетентноста и одговорноста. И не треба да биде важно кога некој добива работно место во администрацијата, дали пред избори или по нив “, објасни Маневски.
Квалитет како основа за кариерата на административците бара и Антикорупциска комисија, а законски тој „мерит систем“ е воведен само во МВР, рече претседателот Илми Селами. „Македонија треба да постигне ниво на јавна администрација што ќе влијае врз политиката, а не политиката да влијае врз администрацијата“, додаде Селами.
Државата ќе мора колку што е можно повеќе да го намали интензитетот на партизација на администрацијата, затоа што тоа и' штети на самата држава, нагласуваат експертите. Тие препорачуваат оној што излегува од универзитет, по три години да го обнови знаењето.
Професорката на Правниот факултет, Ана Павловска-Данева, вели дека Законот за државни службеници предвидува дискрециони права за секој министер. „Владата има намера да трансферира привремени во трајни вработувања. Но, се лицитира со три различни бројки 5.000 како што вели Владата, 30.000 според опозициската СДСМ, а се споменуваат и 18.000 според некои истражувања. Овие движења мора да бидат транспарентни и никако во затворени кругови“, нагласи Павловска-Данева, оценувајќи дека токму овој трансфер е чекор кон ново цунами во јавниот сектор.
„Политичките партии немаат што да им понудат на гласачите, па главната технологија на владеење е давање работни места и обезбедување бизнис“, истакна политичкиот аналитичар Суад Мисини. |