Број 2932  вторник, 10 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter

Фељтон

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (8)

Ако му посветеа поголемо внимание, немаше да замине

Венко го запознав како средношколец, многу работи знаеше повеќе од сите нас што се дружевме со него, вели Киро Глигоров

 

Виктор Цветаноски



„Од Венко Марковски сум помлад две години. Со него се запознав во скопската машка гимназија кога од Штип дојдов во Скопје да го продолжам школувањето. Не знам зошто, можеби поради добрите оценки, ме избраа за библиотекар во гимназијата. Се запознавме кога дојде да побара една книга. Ми предложи да ја користиме библиотеката за литературни средби. Уште тогаш пишуваше поезија на македонски јазик. Меѓутоа, не беа тоа само литературни читања, зборувавме и за политика, за тоа дека Србите сакаат да не' прават јужносрбијанци и за тоа како да се спротивставиме на нивната асимилаторска политика. Во расправите што ги водевме тој беше најзабележителната личност. Ни раскажуваше за некои настани од македонското минато, работи за кои дотогаш не знаевме. Беше начитан и многу работи знаеше повеќе од сите нас“. Ова се сеќавањата на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров за средношколските денови што ги минувал со Венко Марковски.

Глигоров истакнува дека нивните читања во библиотеката не останале незабележани од тогашната власт. Кога дознала полицијата, уапсила неколкумина, а меѓу нив бил и Венко Марковски. „Мене не ме затворија, но ме прашуваа што дискутираме на средбите во библиотеката. Им кажав дека, освен литературни читања, нема ништо друго, иако тие средби се претвораа и во политички дебати. Средношколците ги задржаа во затвор неколку дена, сите ги пуштија, зашто немаа докази“, раскажува Глигоров.

Тој објаснува дека на тие литературни средби доаѓале и комунисти за да регрутираат идни скоевци. „Не' следеа што читаме, што зборуваме, какви идеи имаме. Не знам дали Венко тогаш стана член на партијата. Не верувам, зашто тој беше доста самостојна личност и тоа не им се допаѓаше на комунистите. Инаку, беше отворен човек, тоа што го мислеше, го кажуваше јавно“, се сеќава поранешниот македонски претседател на тие далечни години.

За да не им пречи на македонските комунистички раководители во Македонија, Глигоров го испратиле во Белград веднаш по ослободувањето на Скопје. А Венко, кога патувал за Белград, често навраќал кај него. „Ќе го поканев на кафе, ручек или вечера. Ми беше многу драго да разговарам со него. Имаше широки познавања, беше сестрана личност. Ми раскажуваше за се' што се случува во Македонија. Ако беше лут на нешто, се' најлошо говореше. Таков си беше тој, што на ум - тоа на друм. Но, никогаш не му забележував за тоа. Едноставно, тој си беше темпераментен, импулсивен човек. Имаше и големи политички амбиции и често ми велеше: ’Јас прв почнав да пишувам на македонски јазик, а не сум добил ништо од тоа‘“, раскажува Глигоров.

Првиот македонски претседател смета дека е добро тоа што претседателот на МАНУ, Георги Старделов, го иницирал прашањето околу Венко Марковски и дека треба да се каже дека тој бил основоположник на современата македонска литература. „Факт е дека тој бил родоначалник на македонската современа книжевност. Тоа е вистината. Не можеме ние да го избришеме Венко од нашата историја“, заклучува Глигоров.

Тој вели дека за време на ИБ не се гледал со Венко и за неговите маки од тој период не знае ништо. „Но, знам дека Крсте Црвенковски, кој тогаш беше втор човек по Лазар Колишевски, ми говореше дека Венко е чудесен човек и ми раскажуваше дека избегал во Бугарија, затоа што бил под големо влијание на сопругата Филимена. Тврдеше дека таа го подбуцнувала против тогашното македонско раководство и постојано му велела: ’Гледаш, сите оние што беа во партизани имаат вили на Водно, а ти не доби ништо, иако имаш многу поголеми заслуги од сите нив и прв почна да пишуваш на македонски јазик’. Дали е тоа така или не, не можам да кажам, зашто тоа се лични работи. Тоа беа зборови на Црвенковски, кој жалеше многу поради тоа што Венко си замина во Бугарија“, нагласува Глигоров.

Според него, Венко се чувствувал Македонец, без разлика на тоа што по 1966 година, кога си заминал во Софија, се прогласил за Бугарин. „Зошто го направи тоа, дали од гнев, дали од политички амбиции или поради нешто друго, не можам да кажам. И Крсте Црвенковски не можеше да ги одгатне вистинските причини за неговото заминување. Еднаш дури ми рече: ’Ако ми кажеше дека сака вила, ќе му дадевме’. Тој навистина му дал пасош да се лекува, но не му рекол да замине со него во Бугарија. Му верував на Црвенковски, зашто тој беше човек со широки погледи. Ако некој во тоа време носеше некаков свеж ветер во Македонија, тоа беше Крсте. Кај него првите години по војната навраќал и Венко и често разговарал со него на разни теми, подоцна откако беше елиминиран од политиката, престанал да оди“, раскажува првиот македонски претседател.

На прашањето како го оценува однесувањето на Венко Марковски по заминувањето во Софија, што мисли за неговото определување како Бугарин и за изјавите дека македонската нација и јазик не постојат, Глигоров вели дека за таквото однесување не може да се најде никакво оправдување. „Направи голема грешка, не може никој да му го прости антимакедонското однесување. Мислам дека го искористија Бугарите за антимакедонската пропаганда која тие години беше во полн ек. Неговото пристигнување таму беше добредојдено за нив, зашто тогаш односите меѓу Југославија и Бугарија беа многу лоши, а Венко се стави во нивна служба“, подвлекува Глигоров.

Документите што се објавуваат во последниве години покажуваат дека во 1946 година ОЗНА како непријатели на партијата издвоила група од десетина лица, од кои некои членови на Президиумот на АСНОМ, сите со факултети, освен Ченто. За нив расправал и Централниот комитет на КПМ. Меѓу нив се споменуваат и имињата на Киро Глигоров и на Венко Марковски. Глигоров бил посочен како човек близок на Венко и во една анонимна информација во врска со барањето на поетот да добие „Партизанска споменица 1941“. Глигоров вели дека во тоа време интелектуалците често зборувале за македонското прашање, но никој не бил против партијата. „Како млади луѓе сметавме дека таа не прави доволно за решавање на некои прашања од национален интерес на државата. Но, тоа како да не важеше за Лазар Колишевски. Нашите забелешки не ги прифаќаше. Тој гледаше што ќе речат од Белград. Затоа што ставав такви забелешки, мене прв ме испратија во Белград. Венко беше за обединета Македонија, како и сите ние. Баравме македонското прашање да се третира интегрално за сите три дела, а не само за Вардарскиот дел на Македонија“, објаснува Глигоров и додава дека за време на ИБ за малку не настрадал и тој. „За да ме шпионира во Белград, од Скопје специјално го испратија професорот Ванчо Бурзевски да види што мислам околу судирот Тито - Сталин. Навреме насетив каква му е целта. Ако се истрчав, тогаш сигурно ќе се најдев на Голи Оток“, вели Глигоров.

Тој објаснува дека дома чува неколку книги од Венко, дека ги има стихозбирките „Народни бигори“ и „Огинот“. „Го ценев како поет, а и тој сметаше дека сум разумен човек и затоа често доаѓаше кај мене на разговор. Расправавме за се'. Многу пати се жалеше за својата состојба. Често ми велеше: ’Од Бугарија дојдов и се борев за Македонија, а овде не добив ништо. Беше незадоволен од тоа како го третираат. И јавно го кажуваше тоа. Наместо да му кажат алал ти вера, го зборуваш она што го мислиш, тие го прогласија за непријател. Да му посветеа поголемо внимание, да не беа толку сурови спрема него, сигурно немаше да си замине. Мислам дека една од причините е тоа што тој не се согласуваше со Блаже Конески, бидејќи сметал оти тој настојувал да ја прифатиме азбуката на Вук Караџиќ.

Поранешниот македонски претседател објаснува дека пред да почине, често разговарал со академикот Ѓорѓи Шоптрајанов, кој му објаснувал зошто не сакал и натаму да учествува во комисиите за кодификација на македонскиот јазик и за азбуката откако не бил прифатен предлогот на првата комисија. „Професорот Шоптрајанов и Венко имале исто мислење за азбуката. Тој говореше многу поволни зборови за Венко“, вели Глигоров.



(Продолжува)


#
Статијата е прочитана 2399 пати.

Испрати коментар

Од: amm
Датум: 10.03.2009 03:25:36
Krste Crvenkovski i Branko Crvenkovski familijarno povrzani???
Од: Tode2
Датум: 10.03.2009 03:47:30
Toa sto makedonskite prerodbenici pisuvale na makedonski sto godini pred Venko ne e vazno,glavno toj da e prv.Vilata pokraj Vardar ne bila dovolna,sakal vila na Vodno,a posle i taa ke bila mala.Covekot si odel na toa koj poveke dava,go skoknal komunizmot ,odel na biznis,tuka bil prv vo transformacija od socijalizam vo kapitalizam.Za taa rabota treba da mu se dade priznanie.
Од: mitko sidnej
Датум: 10.03.2009 08:38:12
Normalno deka se site povrzani ama toa e drug crvenkovski a e poranesen minister vo prvite vladi na MKD po 1991. A ovoj "nasiot" predsedatel e celo komunisticko dete.
Од: Современик
Датум: 10.03.2009 08:42:47
Господине Прв претседател на Р. Македонија. Вие го кажувате вашето мислење, но не заборавајте дека бевте еден од поголемите “штрафови“ во југословенската држава-машинерија. Ќе испливаат и состојбите со осамостојувањето на РМ, со Лазар Мојсов, можеби и тој ќе каже нешто. Историчарите ке ве сместат. А за Венко? Ако му се дало можеби немал да замине? Македонската емиграција е бројна во Светот. Ако и ним им се дадеше и тие немаше да заминат на “привремена“ работа во странство.
Од: DT-47
Датум: 10.03.2009 08:58:29
Секоја чест за госп. КироГлигоров кој реално и непристрасно со такт и разум ја опишува личноста на Венко Марковски со сите позитивни и негативни работи што ги имал овој човек, за разлика од Гане Тодоровски кој исклучиво тендециозно зборува за основоположникот на современата македонска поезија. Многу ме бендисува кога неговите современици реално го опишуваат без разлика дали позитивно или негативно па ние помладите сами да заклучиме дали е позитивна или негативна личност(впрочем како и сите ние имаме и позитивни и негативни особини). Но сите треба да ги гледаме работите од таа временска дистанца. Кога би останал во Македонија во ова време би кажал и тој зошто така направил како ш то направил, бидејќи сега е лесно да кажеш што било но порано не било баш така.
Од: Pirinski Makedonec
Датум: 10.03.2009 10:10:28
Nishto ne go opravduva Venko Markovski za predavstvoto. Kako primer ke posocham golemiot bugarski preveduvach i poet Georgi Mickov. Semejstvoto mu zhevealo vo bugarskoto gratche Belovo. Vo 40-tite godini tatko mu bil prinuden da bega zad granica. Komunistichkata vlast go podgonila semejstvoto. Po-maliot mu brat bil uapsan i ubien vo pazardzhishkiot zatvor. Ima napraveno opid i za ubistvo na samiot Georgi. Po nekakva sluchajnost ostanal zhiv. Majka mu umrela od maka, a Georgi i sestra mu bili progoneni od Belovo. Georgi lezhal vo zatvor, posle bil praten vo logor. Sled zatvorot i logorot zhiveel tajno dosta godini. Zhitelstvo vo Sofija ne mu bilo dadeno. Ostanal bez dom, bez bliski koi bi mu pomognale pri nuzhda. So pomoshta na poznati zafanal rabota vo eden gorski dom vo Vitosha – chistel gorskite pateki, hranel prez zimata divite zhivotni. Prodolzhil da preveduva i da sozdava sobstveni stihovi, no do 1989 komunistite ne mu dozvolile da gi publikuva sopstvenite stihovi. Nezavisno od t
Од: aleksandar
Датум: 10.03.2009 11:08:18
posle osloboduvanjeto,togasnata vrhuska na srbija so pomos na makedonski poltroni sakale da gi unistat site makedonski intelektualci , so cel da ne ja probudat makedonskata nacionalna svest. pred vojnata makedonija bila srpska banovina,pod srpska okupacija,i srbite imale namera i posle vojnata makedonija da ostane del na srbija, zatova tolku ljudje se prateni na goli otok,ubivani,proglasuvani kako drzavni neprijateli, toa e primerot so venko markoski,satorov i iljadnici drugi.
Од: ivo
Датум: 10.03.2009 12:36:13
Дека избегал во Бугарија, е затоа што бил под големо влијание на сопругата Филимена. Таа го подбуцнувала против тогашното македонско раководство и постојано му велела: ’Гледаш, сите оние што беа во партизани имаат вили на Водно, а ти не доби ништо, иако имаш многу поголеми заслуги од сите нив .Таа е вистината.
Од: do mitko sidnej
Датум: 10.03.2009 12:43:21
Stevo, sinot na Krste, bese minister po 91. Krste, naroden heroj, i sekretar na CK SKJ do '69, bese zbrisan od politikata sedumdesetite , kako liberal i nacionalist.

Најди! во Утрински
Насловна
Претходен број
Северна Кореја се заканува со војна
Илјадници гласачи во странство, опасност за цензусот за претседател
Зденко
Корумпирање на избирачите
Хорор-станица
Грција шокирана од новиот сојуз САД-Турција
Професионалните војници го губат трпението
Франција се враќа во НАТО
Швајцарски жиголо пред суд во Германија
Љубовниот триаголник мотив за четирикратното убиство во Чешка
Удар на патријархална Србија
Молитвениот појадок кај Нано Ружин
На Владата никако да и' тргне со „Чебрен“ и „Галиште“
Огромен интерес за учество на „Струшки вечери на поезијата“
Фармерите најавија тужба за „Сведмилк“ откако повторно извисија
Подготвен сум да ја поделам одговорноста околу спорот со името