Број 2825  петок, 31 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Мислења

Без ракавици

Ментална рецесија

 Јосиф Ќурчиев

Каде се критичките осврти и анализи на мислечките луѓе, кои се примаат како совест на нациите?

Образложувајќи ја потребата од интервенција на државата за спас на финансискиот систем, германскиот министер за финансии Пер Штајнбрик неодамна соопшти: „Пожарот мора да се изгаси, дури и ако станува збор за подметнувачи“. Го изговори тоа со скоро триумфална убедливост, сигурен дека медиумите, пред се' телевизиите, ќе ја пренесат оваа негова мисла во ударните термини. Така и се случи. А во Бундестагот, меѓу пратениците, видливо беше олеснувањето! Државата ќе инјектира 500 милијарди евра, пари на даночните обврзници, банките ќе бидат спасени, исто како и штедните влогови на граѓаните, пензиските фондови, Берзата во Франкфурт ќе се смири и се' ќе биде како ништо да не било!? Чудно, подметнувачите да бидат во првите редови на гасењето! Зошто министерот не потроши ниту збор за алчноста и корумпираноста на големите играчи кои ги исшмукаа парите, ниту за вината на политиката и нејзината ужасно тесна поврзаност со големиот бизнис, односно за очигледноста дека пожарот вистина е подметнат. Значи, не се ни обиде да зборува за длабоката криза на моралот меѓу таканаречените елити што како канцер ги зафати сите пори на општествата. Во меѓувреме, заедно со канцеларката Ангела Меркел, беше на самит на лидерите од државите во зоната на еврото, на групно советување на европските „пожарникари“ за тоа „колку материјал“ е потребен за да се локализира стихијата. Потоа мораше да се оди на друг самит Азија – Европа, а допрва следува и нов во САД. Да живеат самитите! Каква забава за полицијата, „антиглобалистите“, печатените и електронските медиуми.

На спомнатиот самит Азија – Европа во Пекинг, францускиот претседател Никола Саркози, како актуелен претседавач на ЕУ, без да ја спомне Кина, а поврзано со човековите права, ќе посочи: „Достоинството е право на секое човечко суштество“. Еднакво триумфална реченица. Но, само пред две години – за да не помисли Саркози дека е заборавено – кога во Франција младите со имигрантско потекло палеа и жареа во бесот поради дискриминацијата во која живеат, тој Никола, иако и самиот од имигрантско потекло, тогаш како министер за внатрешни работи, изјави: „Тоа е ѓубре што треба да се расчисти со шмркови!“ Зарем тие немаат право на достоинство?



Пред некој ден бившиот шеф на американските пари Ален Гринспен јавно им се извини на американските граѓани поради тоа што финансиската криза ги осиромаши и што илјадници останаа без можност за нов покрив над главата, а илјадници ја загубија работата. Не сметал дека кризата е толку длабока! Се извини и американскиот претседател Џорџ Буш што од џебовите на неговите гласачи, но и неподдржувачи, ќе мора да се извлечат 700 милијарди долари за закрепнување на банкарскиот систем. Што имаат тие од ваквите извинувања? Досега не чувме ништо со какви последици ќе бидат соочени банкарските шефови и менаџерските тимови, чија алчност и политика во лична полза доведе до ваквиот крах и за чие совладување ќе бидат потребни години. Меѓутоа, сосема е можно, врз основа на искуствата од минатото, тие дури да заминат од своите места во „мирување“ со подебели суми наречени отпремнини. Неколку милиони долари, плус - минус.

Се разбира, би можеле да се набројуваат примери до бесконечност за несреќата на сегашниве генерации да ги имаат токму овие персони за политички и економски лидери. Целата смисла на посочените актуелни „размисли“, всушност, е да се уочи ароганцијата на таканаречените политички и бизнис-елити, чиј контакт со обичните луѓе се сведува на тоа дека тие постојат за нив, а не обратно. О.К. Не е упатно моќта и власта да се поврзуваат со ум, разум и интелигенција. Но, низ историјата се запаметени и примери на луѓе кои не само што работеле во полза на своите народи туку имале и визии за некое подобро утре. Да не беа Шарл де Гол, кого сега во Франција повторно го откриваат, еднакво како и Германците првиот канцелар на Сојузна Република Германија (Западна Германија), Конрад Аденауер, можно е Европската унија да не ја видеше реализацијата на идеите на Виктор Иго, Робер Шуман или Алсид де Гаспери. Да не беа Жискар Дестен и Хелмут Шмит, можеби немаше да ги има Групата 7 и денешното евро, од што за Групата 7, која се искривоколчи, и не мора многу да се потресуваме.

Ако од современите политичари и менаџери не треба да се очекуваат револуционерни зафати поради видливо просечниот интелектуален капацитет, се поставува прашањето што се случува со мислечките луѓе? Каде се нивните критички осврти и анализи што луѓето во соодветните средини ги посматраа како совест на нациите? Гинтер Грас и Ханс Магнус Енцесбергер во Германија замолчија – малку поради годините, малку од замор. Активен е се' уште Хелмут Шмит, но и тој набргу ќе наполни 90! Нови или има малку или го немаат потребниот авторитет. Во Франција напор вложува Андре Гликсман, кому му се придружи и синот. Во Италија се прават сите напори да биде заборавен Умберто Еко. Проминентните учесници во бунтот на младите во ’68, Даниел Кон Бендит или Јошка Фишер – едниот европратеник на зелените, другиот во пензија. Дали сме сведоци на ново „предавство на интелигенцијата“? Ќе треба ли некој нов Чеслав Милош да пишува есеј за современо „Заробениот ум“? Во мас-медиумите се појавуваат луѓе за кои се тврди дека се експерти и кои ја вртат истата плоча на политичарите. Очекувате да слушнете нешто што ќе биде остварлива идеја со надеж да се санираат темелите на гнилежот, а таму бла, бла... А и кој да ги слуша кога не им се верува и кога за поголемиот дел од публиката е побитно „мислењето“ на Парис Хилтон!? Зомбизацијата на масите успешно се остварува!



Мој драг пријател во разговор на оваа тема ќе ми рече дека и мислечките луѓе се купени. Или од владејачките политички структури или од бизнис-елитите. Малкумина имаат можност да опстанат самостојно без да го жртвуваат комодитетот што им го овозможува купопродажбата за да не „брануваат“. Што останува? Се сеќавам на плимата визии на сите што беа повикани или самите имаа нешто да кажат кога го чекавме новиот милениум. И на текстот на еден обичен Холанѓанец кој во својот дневник по повод доаѓањето на 1900 година запишал како го замислува 20 век. На крај памет не му било дека светот ќе ја доживее најкрвавата половина век во поновата историја. Ниту се оствариле неговите надежи за свет на мир и благосостојба за сите ниту, пак, во првата деценија на овој милениум гледаме нешто од заклетвите на тогаш актуелните политичари: Клинтон, Елцин, Блер, Ширак, Шредер. Нив ги нема, како ни нивните замисли. Би бил среќен запишаното во овој текст да не е точно или барем некој да ме демантира...

(Авторот е новинар)


#
Статијата е прочитана 1395 пати.

Испрати коментар

Од: Pat kon haosot
Датум: 31.10.2008 01:13:13
Viziite na misleckite umovi od minatiot vek, od tipot na De Gol, Adenauer, Helmut Smit , Vili Brand i dr. za zal bea zloupotrebeni i izvitopereni niz laznite ogledala na politickite prosatanski manipulatori od tipot na Bjezinski, Kizindjer, ekonomskite teoreticari na turbo neoliberalizmot od tipot na Fukojama , koi vo ime na ispolnuvanje na nivnite celi i celite na odredenite nivni lobi grupi vo potpolnost go unistija humaniot progres na naciite, humanite vrednosti na opstestvata , socijalnite prava i doblesti, pravoto na zivot egzistencija i socijalna pravda. A seto toa dovede do ova , no se plasam deka tuka ne e krajot na ovie crni scenarija.
Од: crni
Датум: 31.10.2008 11:12:14
Od kade li doagja tolku prepotentnost, samobendisanost i arogancija kon site vo textot na ovoj novinar? Da ne misli pa toj deka za nego nie citatelite imame dobro mislenje. Procital 5 knigi vo zivot i cita novini i tolku. Gnilez i djabolebar na drzavna smetka cel zivot, a potprosecen Cile-milevist na site vlasti.
Од: Mislitel
Датум: 31.10.2008 14:14:27
Mislese, mislese De Gaule i napravi nevideni masakri vo Alzir...

Најди! во Утрински
Мислења