ТАБУ-ТЕМА
Македонија не си го бара културното наследство

Според Јован Ристов, враќањето на вредните предмети треба да се решава билатерално
КАТЕРИНА БОГОЕВА
Комитетот за поделба на дипломатскиот имот на поранешна СФРЈ при Министерството за надворешни работи, во наредниот период ќе работи на дефинирање на обемот на списоци со уметнички дела од Македонија, на утврдување на имињата на нивните автори и на местата каде истите сега и се наоѓаат. Во ова тело e вклучен и раководителот на Одделот за заштита на движното и духовното културно наследство при Управата за заштита на културното наследство Валентино Димитриовски, но за конкретни информации околу тоа кога и што ќе и биде вратено на земјава, ќе може да се говори по одржување на одредени средби со претставниците на поранешните републики. Но тоа е само мал дел од уметничките дела, од културните вредности кои се наоѓаат надвор од земјава.
Движното културно наследство изнесувано низ историјата на легален или илегален начин, евидентирано во државни институции, приватни галерии во одредени земји во светот, станува предмет на интерес на јавноста особено кога во Македонија се интензивираат дивите копања. Но досега, како во поновата историја на државава, но и претходно, во времето на СФРЈ не е реализирана ниедна конкретна иницијатива за враќање на богатствата изнесувани уште од времето на османлиското владеење, па се' до денес (со исклучок на минатогодишното враќање на заробените македонски бронзи на словенечката граница, изнесувани по илегален пат од државата).
Освен ваквите податоци презентирани од страна на надлежните, мошне индикативно е што досега не е направена ниту одредена листа евидентирани предмети по светот, кои потекнуваат од територијата на земјава.
„Проблемот лежи во идентификацијата на ова богатство кое се наоѓа надвор од Македонија. Се до стапувањето на сила на новиот закон за културно наследство во 2005 година, државата и немаше законска основа да си го бара назад. Сега тоа постои а за покренување на иницијатива е надлежно Министерството за култура. Голем проблем е непостоењето на список на евидентирани богатства низ светот, а постојат одредени сознанија за евидентирани книжевни дела во Вашингтон, Јапонија, археолошки и црковни вредности во Бугарија, Србија и во други земји, но ги немаме бараните докази. Постојат штури податоци кои не се по пропишаните стандарди од УНЕСКО, но и од Интерпол.
Се надевам дека некој ќе се сети да го отпочне потребното евидентирање, па комплетираните досиеја да му се достават на Министерството за надворешни работи, но ние сме многу далеку од тоа“ - вели Јован Ристов, советник за правна заштита на споменично наследство во Националниот конзерваторски центар кој и самиот бил дел од тимот за потпишување на договор за враќање на културните вредности при решавањето на границата со Србија и Црна Гора, но како што вели самиот, договорот бил потпишан само од македонска, но не и од српската страна.
„Враќањето на вредните предмети треба да се решава билатерално, а самиот процес во целост е многу тежок. На пример, и во поранешна СФРЈ во 1976 -1978 година постоеја иницијативи за враќање на културните вредности од поранешните републики, но и тој процес беше закочен на сојузно ниво“ - вели Ристов.
Директорот на Управата за културно наследство, Паско Кузман за можното враќање на македонските културни вредности дома, говори како за невозможен процес во сегашни услови, кога во светот и големите држави тешко успеваат да си вратат нешто.
„И на светско ниво предметите инцидентно се враќаат. Половина Египет се наоѓа во Лувр, а само замислете кога музеите би ги вратиле сите предмети, тие би требало и да се испразнат. Ние само по пат на размена, мислам дека би можеле да добиеме дел од вредните предмети. Не можеме да бараме реиституција на културните вредности изнесени од Македонија, во период кога сме немале своја држава, време кога се однесени меѓу другото и златните маски и други предмети од Требеништа во Бугарија и Србија.
За враќање на предметите важни се билатералните врски, добрата волја на државите. Знаеме дека исклучителниот археолошки наод , бронзениот кратер од Демир Капија се наоѓа во приватна галерија во Њујорк, за што ја информиравме и нашата тамошна канцеларија за да превземе нешто. Но не е само овој наод, во светот има многу повеќе.
Факт е дека и многу поголеми држави, многу ретко успеваат да добијат назад одредени вредности, но најчесто ги добиваат само оние кои поседуваат уметничка, но не голема историска вредност“ - вели Кузман, посочувајќи дека сеуште никој во земјава не покренал иницијатива за враќање на нашите културни вредности дома.
„На маските од Требеништа изложени во Бугарија и Србија стои дека се од Охрид, тоа никој не го крие, но како да се вратат? Можеби е потребно да поведеме одредена расправа и да видиме кои се размислувањата, но сепак треба многу да се внимава на сериозноста во третирањето на оваа материја“ - посочува Кузман. |