Визбата „Грков“ ги отвори вратите за винскиот туризам

Околу 50 домашни и странски гости дегустираа органски вина, единствени во Македонија
Ангел Данов
Винскиот туризам, за што одамна се говори во најголемиот лозаро-винарски регион во земјава - Тиквешкиот, полека станува реалност. Минатиот викенд винарската визба „Грков“, која се наоѓа 20-ина километри од Кавадарци, во близина на селото Крњево, започна со прием на туристи кои сакаат да ги дегустираат вината, но и да се запознаат со производствениот капацитет на оваа визба. Близу 50 гости од земјава и од странство ја имаа можноста да ги вкусат органските вина, кои засега единствено во земјава ги произведува винарската „Грков“. Таа поседува близу 10 хектари лозови насади кои се одгледуваат според правилата и стандардите за производство на органска храна. Според овие строги правила, не е дозволена употребата на пестициди и на вештачки ѓубрива.
Сопственикот на винарската визба, Јован Грков, вели дека годинава ќе заврши фазата на премин од конвенционално во органско производство и ќе се добие потребниот сертификат за органски вина, со што неговата винарска визба ќе биде првата на пазарот што ќе понуди органски вина.
„Оваа прекрасна убавина што ја дарил Господ ја чуваме и ќе продолжиме со органско одгледување винова лоза, која од памтивек е присутна во овој регион. Преку винскиот туризам природните убавини и органското производство ќе бидат достапни за сите. Го сакам виното. Природните услови и чистотата на овој простор ме натераа и ме поттикнаа на органско производство. Македонија има прекрасни услови за вакво производство“, вели сопственикот Грков.
Тој открива дека нивната стратегија е произведеното вино да се понуди на швајцарскиот и на германскиот пазар, како земји со најголема свест за органските производи. Квалитетните органски вина речиси трипати се поскапи од конвенционалните и на пазарите се продаваат по цена повисока од 10 евра за едно шише. Вината „пино ноар“ и „каберне совињон“ изобилуваат со овошна арома. Имаат прекрасен вкус и сето тоа поради погодните климатски, почвени и географски услови. Инаку, винарската визба се наоѓа на надморска височина од 550 метри.
„Не знам во колкава мера органските вина се застапени во Македонија, но знам дека имате прекрасни вина и тоа е ваше национално богатство со кое треба да се претставите пред светот и пред сите странци што доаѓаат во земјата“, вели Џејсон Микел, Американец кој имаше можност со првата винска тура да ги дегустира вината на „Грков“. Според него, најдобри македонски вина се „темјаника“ и „вранец“, кои многу поагресивно треба да ги презентираме пред светот.
Според Микел, кој тврди дека слабост му се македонските вина, секоја држава треба да помага за успешна презентација на своите производи во други земји. Убеден е дека винскиот туризам може да биде добитна комбинација за Македонија. Разговаравме и со Кристофер Делисо, Американец кој од неодамна живее во Македонија, автор на туристички прирачник наменет за Западен Балкан, кој добил задача во него да пишува и за секцијата за Македонија. Вели дека посебно сака да пишува и се интересира за винскиот туризам и и' порачува на власта да се занимава со логистичка поддршка на овој вид туризам . Според него, потребно е да се постават патокази до винарските визби, да се подобри патната инфраструктура до нив или целосно да се изградат нови патишта.
Освен органските вина, винарската визба „Грков“ има и сопствена козарска фарма лоцирана во селото Крњево. Се одгледуваат кози од расата алпина. И овде во целост се применуваат правилата и стандардите за органско производство. Многу скоро на пазарот ќе се пласираат млечни и месни органски производи. Сопственикот Грков најави дека планира в година да започне да го развива и селскиот туризам, бидејќи во селата од Бошавијата има што да им се понуди на туристите. |