Македонски и албански дејци на Мостот на уметноста
На Мостот на уметноста, за кој неодамна беше одлучено дека ќе се гради по идејно решение на Коста Мангаровски (истиот автор на „Око“) исто ќе има вкупно 29 скулптури, по 14 од двете страни и една во централниот дел. Надлежните се' уште официјално не кажуваат дали и за скулптурите на овој мост ќе се распишува конкурс за избор на идејни решенија. Но, начелно се знае кои ликови ќе го красат објектот. Во официјалното писмено образложение на владиниот проект „Скопје 2014“ е наведено дека скулптурите на овој мост ќе бидат излиени бронзени ликови на уметници, музичари, сликари, писатели, поети... Меѓу нив ќе бидат Тоше Проески, браќата Миладиновци, Кочо Рацин, Глигор Прличев, Никола Јонков Вапцаров, Ацо Шопов, но и уметници од различни етнички заедници од државава. Се' погласни се шпекулациите дека токму на овој мост ќе се постават личности од албанската историја, за што веќе финишираат преговорите на владините партнери, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во потесниот круг биле спомениците на Неџат Аголи, Дервиш Цара, Пјетар Богдани, а се зборува и за поставување скулптура на Јашар-бег Кумбараџи, првиот градоначалник на Скопје. Најверојатно, само еден од нив ќе се постави на мостот, а останатите споменици на плоштадот „Македонија“. (Дс.Т.) |