Премиерот Груевски ги посети археолозите на Кале

Премиерот Никола Груевски вчера ја посети тврдината Кале во Скопје, со што и официјално започнаа да се реализираат двегодишните археолошки истражувања од кои се очекува да откријат нови материјали за вредноста на древниот простор.
Раководителот на истражувањата, археологот Драги Митревски, и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, го запознаа премиерот со планираните зафати на шесте сектори на тврдината, каде што во исто толку екипи работат археолози од Македонија, но и околу 150 студенти и невработени, дипломирани археолози од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.
„Ова е втор крупен проект на Владата, по почетокот на изградбата на Скопскиот театар...Овие приоритети Владата ги одреди уште пред изборите и изборното ветување ќе го завршиме“, изјави премиерот Никола Груевски, најавувајќи дека истражувањата ќе траат до 2010 година, а ќе бидат реализирани со поголеми буџети. За двегодишните истражувања Владата одобри два милиона евра. (K.Б.) |