25.05.2012, 17:24 Брејвик бара да го прогласат за здрав

Осло - Норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик изјави во судницата во Осло дека доколку судот одлучи дека е ментално здрав, тој нема да поднесе жалба.
Тој, исто така, изнесе свои коментари во врска со исказите на петмина сведоци, сите млади луѓе со тешки телесни повреди од масакрот што го изврши Брејвик на островот Утоја на 22 јули минатата година.
На повеќемина од преживеаните млади им се ампутирани екстремитети како последица на ранување од огнено оружје.
Брејвик, притоа, рече дека е „успешен“ во криењето на своите чувства, но и дека по споменатите сведочења „се чувствува речиси емоционално оштетен“.
Менталниот статус на Брејвик станува се' поважен предмет во текот на судскиот преоцес. Едно отворено писмо од судскиот колегиум, упатено до комисијата што ги оценуваше двата психијатриски испитувања, покажува иритираност поради тоа што комисијата не успеала да даде конкретен одговор во однос на психијатрискиот извештај, со кој Брејвик беше прогласен за здрав. Освен тоа, во отвореното писмо се нагласува дека биле правени напори да се прикријат несогласувањата во рамките на споменатата комисија. Судијата сега сака пред 1 јули да добие одговор дали формално се отфрлуваат контроверзните прогласувања на Брејвик за здрава личност или не. |