Берлинска ликовна сцена во МСУ

Вечерва ќе биде отворена изложба на 18 автори, избор на кураторот Ролф Кулц Мекензи
Катерина Богоева
Дела од 18 германски врвни автори, селектирани од кураторот Ролф Кулц Мекензи, вечерва ќе бидат презентирани на изложбата „Импресии: берлинска ликовна сцена“, која ќе биде отворена во 20 часот во Музејот на современата уметност.
Изложбата ќе ја отвори амбасадорката на Р. Германија во земјава Улрике Кноц, а македонската публика ќе има ретка можност да види избор од дела на авторите селектирани од кураторот Мекензи: Јован Балов, Винфрид Булингер, Барбара Кавенг, Жења Шеф, Константино Цирво, Отјерг А.Ц. Хајко Даксл и Ингеборг Филеп, Мерно Фал, Урс Јеги, Миха Кене, Дерте Крафт, Валтер Ленерц, Ана- Кавата Мбити, Волфганг Петрик, Пинг Куи, Ирис Шиферштајн, Михаела Штрумбергер, Помона Ципсер, како и од тројца автори селектирани од раководителот на Прима-центарот во Берлин, Јован Балов. Околу половина од авторите се странци кои подолго време работат на берлинската ликовна сцена, учествуваат и девет авторки, што за кураторот претставува реткост во ваков тип на претставување. Дел од застапените автори се сметаат за ѕвезди на берлинската сцена кои до ден-денеска активно дејствуваат во секој нејзин сегмент.
„Станува збор за берлински автори кои на некој начин ја диктираат германската ликовна сцена, но поради просторот и форматот на изложбата, немаше можност секој од нив да биде оптимално презентиран. Но, тие се толку значајни за светската уметност што и еден мал дел од нив може да упати кон истражување на сцената. Изложбата на некој начин ги вкрстува проблемите на авторите во Берлин, ја презентира неговата социјална реалност. Во неа се занимавам со директна проблематика која постои во градот, со проблематиката што авторите ја носат во него, тоа е изложба која доследно презентира една негова социјална реалност. Берлин, за разлика од сите други метрополи во Европа, има своја посебна, специјална историја како град - престолнина на Царството, град во кој наци-режимот се реализирал, град поделен меѓу источниот и западен блок, град со диктатурата на ДДР, град како Западен Берлин издвоен во социјализмот и како нов Берлин, главен град на нова Германија, град што го истражува својот нов идентитет. Сите овие историски фази ги доживеале, преживеале и поминале уметниците што се застапени на изложбата. Авторите се од различни генерации, а има дела и од автори кои имаат над 70 години“, изјави кураторот Мекензи, потенцирајќи и дека Берлин нуди две најважни работи, тој е главен град во кој се наоѓа комплетниот владејачки систем на Германија и врвната светска уметност.
„Во интерес на уметниците од цел свет е да дојдат и да видат дел од неговата приказна. Ги привлекува уметниците од Источна Европа, но е интересен и за уметниците од цел свет. Има бројна уметничка имиграција од Латинска Америка, Африка, Азија, а во него доаѓаат масовно и уметниците од различни делови на Германија. Во социјалната форма на живеење на градот, авторите наоѓаат инспирација и тематика со која потоа се занимаваат“. Изложбата ќе биде поставена во МСУ до средината на август. |