Од бележникот на репортерот
Зошто во Собранието стана здодевно

Собраниските седници не предизвикуваат внимание, освен оние за пратенички прашања
Оливера Војновска
Во парламентот вчера беше прилично мирно, некако претерано летаргично. Така беше и претходниот ден. Всушност, атмосферата во Собранието е летаргична веќе подолго време. И кога има пленарни седници тие не предизвикуваат некакво внимание, со исклучок на оние посветени на пратенички прашања. Само тогаш на собраниската галерија има новинари, репортери, сниматели.
Не дека медиумите не се присутни во Собранието, напротив, тоа е полно со новинари. Но, најчесто тие се таму поради некаква изјава или брифинг во пратеничките кабинети. Во „храмот на демократијата“, како што пратениците милуваат да го нарекуваат законодавниот дом, нема дебата па парламентарните сесии се неинтересни.
За разлика отпорано, кога случувањата во Собранието добиваа значајно место во медиумите, сега парламентот едноставно е здодевен. Далеку поздодевен и од претходниот, кој остана запаметен по скандалозните тепачки меѓу пратениците од албанскиот политички блок.
Зошто е тоа така? Зошто највисокиот претставнички дом на граѓаните, институцијата која според Уставот е носител на законодавната власт, е маргинализирана и инфериорна.
Професорката на Филозофскиот факултет во Скопје Билјана Ванковска забележува дека дури и партиските портпароли се поатрактивни за медиумите отколку работата на Собранието. Таа смета дека за маргинализацијата на парламентот еднакво придонесоа и самите парламентарци и нивните партиски централи.
„Лидерскиот принцип во партиите е таков што сосема малку или воопшто не се разликува од стариот комунистички принцип на ’демократски централизам’: она што ќе одлучи врхушката, тоа останатите само го спроведуваат. Освен тоа, лидерите на партиите и не учествуваат во работата на парламентот, туку диригираат од своите кабинети. Не се сеќавам дека сум го видела Али Ахмети во својство на парламентарец, затоа што тој, веројатно, како поважна ја доживува функцијата на коалиционен партнер и лидер“, вели Ванковска.
Дисциплината на пратениците и стравот дека доколку не бидат послушни, на наредните избори нема да се најдат на пратеничките листи или ќе бидат ниско рангирани без шанси да бидат избрани, има силно влијание на имиџот на парламентот.
Пратениците кои дискутираат се малобројни, главно, од опозицијата и може да се избројат на прстите на едната рака. Одвреме-навреме некој ќе се престраши да реплицира. Останатите, иако се редовни на собраниските седници, главно, само го притискаат системот за гласање. Има и такви кои се позборливи кога се подалеку од камерите и во неформални разговори во Клубот на пратениците, во собранискиот ресторан или во ходниците.
Дали кај пратениците преовладува опортунизмот, па дури и лична страшливост да настапат со сопствен, поинаков став? Професорката Ванковска вели дека лостот на моќта и власта во нашиот консоцијален модел на демократија е кај елитите, а не во парламентот. Па, дури и не во институциите, туку надвор од нив. „Тоа дополнително од парламентот прави машинерија за аминување на она што лидерите ќе го договорат, најчесто насамо или во тесен круг (а понекогаш и со посредништво на меѓународната заедница). Со тоа парламентот доброволно абдицира и се откажува од функцијата на контролор на извршната власт“, заклучува таа.
Пред повеќе од еден месец, за време на првото читање на Законот за државни службеници, лидерот на ЛДП, пратеникот Јован Манасиевски, упати критики за тоа што проблемите наместо во парламентот, се
решаваат на лидерски средби во Клубот на пратениците. Манасиевски реагираше дека со таквата практика на договарање на законите се суспендира парламентот, а опозицијата (СДСМ) наместо конструктивна, станува декоративна.
Долгогодишниот претседател на Собранието, Стојан Андов, кој го водеше парламентот во три мандати, не е против лидерските средби, но предупредува дека со нив не може да се компензира работата на парламентот. „Лидерски средби треба да се практикуваат доколку поради односот на силите дојде до блокада на работата на парламентот. Сега ВМРО-ДПМНЕ има големо мнозинство и не може да каже дека парламентот е кочница за процесите“, напомнува Андов. Тој забележува дека е недозволиво тоа што во овој момент, во очекување да се објави извештајот на Европската комисија, немаме никаква активност во парламентот.
Според него, во овие сложени состојби со кои се соочува земјата мора да се изгради атмосфера за дебата. Андов потенцира дека парламентот има должност „да и' укаже на Владата кога се влечат погрешни потези“. „Собранието работи исклучиво според динамиката која ќе му ја одреди Владата, со што се инвалидизира парламентот. Нема самостојни иницијативи, ако има не можат да дојдат на дневен ред, бидејќи владиното мнозинство не дозволува. Не можам да ја разберам таквата одбојност. Во сите демократски земји, на кои сакаме да им се придружиме, иако иницијативата е на Владата, сепак, дури до 40 отсто се предлози на пратеници“, вели поранешниот претседател на парламентот.
Актуелниот претседател на Собранието, Трајко Велјаноски, има сосема поинакво мислење. „Собранието работи ефикасно и транспарентно, а со донесувањето на Законот за Собранието се зајакнуваат неговите капацитети и позициите во однос на другите лостови на власта. Претседателот на Собранието е прв меѓу еднаквите и негова задача е да работи на создавање подобри услови и клима за ефектуирање на определниците од политичкиот дијалог во парламентот, остварување тесна координација меѓу пратеничките групи за организирање на работењето и максимализирање на транспарентноста во работењето“, ни вели Велјаноски.
Поранешниот премиер, пратеникот од СДСМ Владо Бучковски, чии дискусии предизвикуваат големо внимание, смета дека иако Македонија е парламентарна демократија, премиерот Никола Груевски е политичарот кој со „неговото авторитарно владеење успеа да го маргинализира парламентот“. „Груевски го прави тоа свесно, бидејќи иако има многубројна пратеничка група, според квалитетот таа е многу слаба. Од друга страна, отворањето сериозна дебата во парламентот се коси со неговиот принцип да се избегнуваат какви било соочувања со опозицијата. Тој одбегнува да влезе во расправа со аргументи за да не се разобличи лагата и манипулацијата, која во изминативе три години е одлика на неговото владеење“, вели Бучковски.
Овој парламентарен состав минатата година во самиот старт на мандатот за еден месец усвои 168 закони (55 од нив ги изгласа два пати) го донесе новиот собраниски Деловник и направи ребаланс на Буџетот. Најкуриозитетно беше тоа што некои закони беа донесени за само дваесетина секунди!
Според Бучковски, тоа е најголемото понижување што го доживеале пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. „Груевски, всушност, ги тестираше и пратениците од ДУИ и оние од ВМРО-ДПМНЕ колку им сече умот“, смета експремиерот. Напоменувајќи дека токму парламентот е местото каде што треба да се дебатира за чувствителните политички теми, тој оценува дека инфериорноста на ДУИ и отсуството на лидерите на партиите на Албанците (Ахмети, Тачи и Селмани) во Собранието претставува голем хендикеп.
|