21.08.2011, 17:09 Македонците во Грција треба да си ги бараат правата
Претставникот на Грчкиот хелсиншки комитет за малцински права, Панајотис Димитрас, во присуство на многубројни академски и политички личности во Перт, Западна Австралија, ги повика Македонците во Грција, ако си ги сакаат правата, да си ги побараат.
„Во Грција има Македонци. Никој нема да им ги даде правата и да ги признае ако тие самите не си ги бараат. Ако Грција бара права за своите малцинства во соседните земји, должна е да ги даде истите права и на малцинствата што живеат во Грција. Задоволство ми е да соработувам со партијата Виножито, која избра вистински начин на работа и на дејствување. Нашата канцеларија е секогаш отворена и со задоволство ќе ви помогне и ќе ве упати на вистинскиот пат“, порача Димитрас.
На овие изјави реагираа Кон Бербатос и други претставници на Грчкиот еленистички совет во Перт, кои се обидоа да го прекинат предавањето на Димитрас, но беа отстранети од обезбедувањето на универзитетот.
Уредникот на „Нова зора“, Димитри Јованов, кој, исто така, учествуваше на расправата, соопшти дека весникот излегува еднаш месечно, се печати во 20.000 примероци и се разделува во 731 села од Костур до Драма. „Кога започнавме, петмина го делевме весникот, сега сме педесет, а како што се одвиваат работите, и тие ќе бидат малку“, изјави тој.
Градоначалникот на Овчарани, Пандо Ашлаков, од Виножито најави дека една од неговите задачи ќе биде воведување на мајчиниот јазик во училиштата од шесто одделение. „Имаме право на тоа и ќе го бараме. Нашиот јазик не смее да згасне. Ако згасне јазикот, ќе згасне и нашето постоење“, најави тој. (Н.Р.) |