Пренесено
„Катимерини“: Каде згрешивме со Скопје
Алекси Папахела
Пред неколку дена присуствував на церемонијата за доделување дипломи на дипломците на еден американски колеџ во Солун. И за еден час на таа церемонија разбрав колку грешки направивме како држава и колку шанси имаме изгубено во последните 20 години. Овој колеџ е една сериозна академска институција која успешно излезе од борбата со законот за приватни факултети во Грција, за разлика од многу останати што изникнаа во државата без никаква контрола.
Она што ме импресионираше беше дека најдобриот студент на годината е од Скопје. На малку „скршен“ грчки и одличен англиски објаснуваше колку ја засакал Грција и дека ова за него е посебно искуство. Некои од тамошните професори се потсетија низ какви проблеми поминуваа првите студенти од ФИРОМ на овој факултет, како, на пример, скршени возила поради скопските регистерски таблички.
Годинава на церемонијата најголем дел од студентите што добија некакво одликување за посебни достигнувања се од соседните држави на Грција. Тие можеби се идната балканска елита, која по неколку години поминати во Солун, почнува да ја гради својата професионална кариера.
Размислував, пред се', за големата грешка што ја направивме кога се заглавивме во „теолошката“ дебата за името. Беше многу лесно да ја „освоиме“ оваа држава со бизнис-инвестиции или, пак, преку финансиски стипендии за студентите што сакаа да дојдат да студираат во Грција. И оваа теза немаше никаква геополитичка добивка за нашата земја. Меѓутоа, го направивме токму спротивното, потрошивме големи пари, кои сега ни се потребни за да ги заштитиме нашите интереси, кои беа под сериозна закана. Сега добро би било да најдеме едно пристојно решение, кое нема целосно да не' засрами, бидејќи во спротивно, може да се стекнеме со слика на поголема држава која „следи команди“ од најмалиот сосед.
Наместо да се слави и да се „креваат востанија“ за проблемот со Скопје, Солун требаше да се отвори повеќе кон соседите и да се изгради како бизнис, академски, медицински и туристички центар на Балканот. Наместо да се вандализираат возила и да се продава национална гордост, солунчани можеа повеќе и попрофесионално да работат на промовирање на грчките интереси во регионот.
Покрај ова, сметам дека премиерот Јоргос Папандреу направи голема грешка со одлуката да го смени член 16 од Уставот, со која се дозволуваше отварање на приватни или непрофитни факултети во Грција. Тогаш потпадна под влијанието на една група универзитетски професори, а ќе можеше да го отвори патот за сериозни обиди за отварање на академски институции, како што тоа го направија Турција и Кипар и полека се издигнуваат како академски центри.
Заклучокот е дека кога реагираме исплашено и емотивно само се враќаме назад. И треба тоа да го паметиме затоа што државата ќе излезе од криза само ако ги избегне синдромите кои ја држат како заложник на просечните и мизерни грчки универзитети и ако успее да се издигне како современ центар за поширокиот балкански регион. (Катимерини) |