Трајановски пак се премислува за музиката
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, вчера повторно се премислува околу наплатата на такса за пуштање музика во локалите. Иако пред десетина дена градските власти испратија соопштение до медиумите дека оваа такса нема да се наплатува и дека давачката била само тема на средбата на Координативното тело на градоначалници, вчера Трајановски објасни дека, всушност, наплатата на таксата е само одложена.
Градоначалникот признава дека таксата за пуштање музика е дел од Законот за комунални такси, кој Градот Скопје се' уште не го применува. За него се разговарало на последната седница на Координативното тело на градоначалници, без да се донесат некои заклучоци. Сепак, откако излезе во јавноста, информацијата предизвика реакции, а особено од угостителите. Трајановски тогаш се повлече, со образложение дека, сепак, нема да наплатува ваква такса, за вчера повторно да ја актуализира. (С.Н.) |