18.10.2012, 17:49 „Кемет“ почна со производство

Инвестицијата изнесува 20 милиони долари и 500 нови работни места
Маја Томиќ
Во индустриската зона „Бунарџик“ вчера стартуваше новата инвестиција на американската „Кемет електроникс“. Станува збор за инвестиција вредна 20 милиони долари, која за почеток ќе ангажира сто работници, а за неколку години нивната вкупна бројка треба да достигне 500. На почетокот ќе се инвестираат 12 милиони долари и ќе се вработат 200 лица. Во новата фабрика ќе се произведуваат електронски производи за потребите на авионската, воената, автомобилската и многу други индустрии.
„Инвестицијата е потврда дека продолжува инвестицискиот циклус во земјава, и покрај кризата. Преговорите за оваа инвестиција започнаа пред помалку од две години, а по нецела година од почетокот на изградбата, „Кемет електроникс“ веќе има функционална фабрика во Македонија која почна со производство. Тоа е показател дека станува збор за добар тим и одлична организација“, рече премиерот Никола Груевски на вчерашното отворање на фабриката во ТИРЗ Скопје 1.
Тој посочи дека „Кемет електроникс“ е еден од најголемите светски брендови за изработка на високософистицирани производи што се користат во речиси сите електронски уреди. А нејзиното доаѓање во Македонија треба да претставува отворена покана за многу други странски компании со кои соработува, меѓу кои се „Хјулит Пакард“, „Сименс“, „Филипс“, „Нокија“, „Бош“, „Ериксон“, „Алкател“, „Моторола“, „Циско“ и многу други.
„Верувам дека голем број од нив ќе го следат примерот на ’Кемет електроникс‘ и ќе видат во Македонија своја следна дестинација“, посочи Груевски, додавајќи дека Владата ќе продолжи да им овозможува на инвеститорите добри бизнис-услови.
Извршниот директор на „Кемет електроникс“, Пер Луф, потенцира дека идејата за инвестирање е од пред две години, а изборот на Македонија и на оваа локација за изградба на новата фабрика е мудар потег и резултат на добрата маркетинг-тактика на Владата. Според него, еден од клучните фактори да се инвестира бил и квалитетот на кадрите во земјава, при што менаџментот бил импресиониран од нашиот образовен систем.
Според американскиот амбасадор Пол Волерс, искуството на „Кемет“ е потврда дека Македонија може да биде добро место за водење бизнис. „Се' повеќе станува јасно дека државата станува вистински конкурент на светската бизнис-сцена дури и во овие тешки економски времиња“, рече Волерс.
Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, нагласи дека почнувањето со производство на „Кемет електроникс“ е значајно за нашите извозни резултати.
„Извозот од ’Бунарџик’, односно од ’Џонсон контролс’ и ’Џонсон Мети’ лани зафаќаше 16,3 отсто од вкупниот извоз на земјата. До крајот на годинава треба да почнат со работа уште две компании во „Бунарџик“, со што во сите зони во Македонија бројот на нововработените ќе достигне над 1.500, за разлика од лани кога имаше само 500 вработувања“, рече Мизо.
Новата фабрика на „Кемет“ се простира на површина од 11.000 метри квадратни, од кои 9 илјади квадратни метри се производствен капацитет. Моментно има две производни линии, а треба да се пуштат уште седум. Моментално се вработени 100 лица, до март 2013 година треба да има 150 вработени, а до крајот на 2013 година - 250. Со заокружување на инвестицијата со дополнителни 10-15 милиони долари, вкупната бројка на вработени ќе достигне 500.
„Кемет електроникс“ е четвртата фабрика во „Бунарџик“, по „Џонсон контролс“, „Џонсон Мети“ и „Текнохозе“. Компанијата е со седиште во Јужна Каролина, САД, а има производствени објекти во Мексико, Кина, Италија, Англија, Финска, Шведска, Португалија, Индонезија, Германија, Бугарија, како и два истражувачко иновациски центра во САД и во Германија. Произведува над 30 милијарди парчиња производи годишно. |