Иницијатива за референдум за верските објекти на плоштадот

Здруженијата „Плоштад слобода“ и „Граѓани за европска Македонија“ ќе иницираат постапка за собирање потписи
Здруженијата „Плоштад слобода“ и „Граѓани за европска Македонија“ од понеделник ќе иницираат постапка за собирање потписи за референдум во скопската општина Центар против изградба на верски објекти на плоштадот. На ваква акција, како што соопштија организаторите на вчерашната прес-конференција, биле охрабрени од резултатите од истражувањето во кое 70 отсто од граѓаните се изјасниле дека се против изградбата на верски објекти на плоштадот, а дури 74 отсто дека се против подарувањето на земјиштето на МПЦ и ИВЗ.
Како што објасни Никола Николоски од „Плоштад слобода“, анкетата е спроведена во периодот меѓу 20 и 22 јули од страна на „Брима галуп“ со финансиска помош на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија. Сондирањето на јавното мислење опфатило 503 испитаници, од кои 454 се Македонци, 14 Албанци, 11 Турци и 24 Роми. Процентот на грешка е плус-минус четири проценти.
На прашањето дали ја поддржувате идејата за изградба на верски објекти на плоштадот „Македонија“, 28,5 отсто одговориле потврдно, 69,8 отсто со „не“, дека не знаат рекле 1,4 отсто, а 0,2 отсто - одбиле да одговорат. Прашани околу тоа дали се согласуваат со идејата на Владата да им се подари земјиште на плоштадот на МПЦ и на ИВЗ, 73,8 отсто од анкетираните се изјасниле дека не се согласуваат, поддршка дале 22,3 отсто, не знаат - 2,8 отсто, додека 1,1 отсто одбиле да одговорат.
Најскептични во поддршката за изградба на верски објекти се анкетираните Турци ( 75 отсто), а по нив следуваат Македонците (72 отсто), додека само (26 отсто) од Албанците се изјасниле против, а уште помалку Ромите (16 отсто).
Според Жарко Трајановски од „Граѓани за европска Македонија“, интересен е податокот дека дури 77 отсто од граѓаните сакаат да бидат прашани за прашања од интерес на нивната општина.
„Граѓаните никој не ги прашува за ништо. Тоа е акт на самоволие, кој ниту е демократски ниту е израз на добра волја“, оцени Трајановски и додаде дека ќе се искористат сите правни средства за да се спречи изградбата на верски објекти.
Ирена Цветковиќ од „Плоштад слобода“ потсети на настаните од мартовскиот протест и нагласи дека нема да се откажуваат од правната битка за казнување на виновниците. Таа информира дека судскиот процес е одложен за септември, но и натаму силно веруваат во граѓански иницијативи од ваков вид во кој се изразува слободната волја на граѓаните.
Двете организации соопштија дека се потребни 8.800 потписи за да се спроведе референдум и, воедно, ги поканија сите здруженија на граѓани, неформални групи и индивидуалци да им се придружат во собирањето потписи како нивна поддршка и да гласаат против на референдумското прашање. (П.Р.)
|