14.02.2012, 18:30 Покрив падна врз скулптурата на Јосиф Багери од „Скопје 2014“

За неколку секунди се уништило делото на авторот Садику. Покривот паднал во халата каде што тој ја изработувал скулптурата која треба да се постави на плоштадот во Скопје
Киро Кипроски
Гостивар - Скулптурата на Јосип Багери, која е дел од владиниот проект „Скопје 2014“ и треба да се постави на скопскиот плоштад „Македонија“ целосно беше уништена во неделата навечер. Натежнат од снегот, врз неа се струполи покривот на фабричката хала на некогашната текстилна фабрика „Готекс“ во Гостивар. За момент се уништи неколкумесечниот труд на авторот на Јосиф Багери, скулптурата модел која наскоро требаше да се транспортира на леење.
„Шестмесечниот труд кој го вложив во создавањето на ликот на истакнатиот албански деец Јосиф Багери, се уништи за неколку секунди“, разочарано ни изјави авторот, 49-годишниот вајар Муарем Садику од гостиварското село Чегране, кој е актуелен декан на Факултетот за уметност на Државниот тетовски универзитет. Ни раскажа дека во неделата околу 21 часот покривот на фабричката хала натежнал од снегот. Во тој момент, Багери со своите соработници работел на скулптурата.
„Во моментот кога се струполи покривот, во халата се наоѓаше и мојот соработник Башким Меџити со ќерката и зетот, кои ги привршуваа работите на скулптурата. Таа за некој ден требаше да се излее во гипс, а потоа и во бронза. Благодарение на присебноста на Меџити, по силниот звук на кршење и пред покривот целосно да се струполи ја напуштивме халата. За среќа, сите минаа без повреди“, ни раскажа вајарот Садику, кој е и автор на повеќе шестметарски скулптури, меѓу позначајните на Фадил Лиман, поставена во Куманово, на Статуата на слободата, која се наоѓа на влезот во Приштина, а коавтор е и на споменикот на Џемо Хаса во гостиварското село Симница. |