„Комунална“ почна со автоматско следење на возилата за собирање ѓубре

Со системот ГП на веб-страницата може да се види дали камионот поминал да собере ѓубре
Снежана Калабакова
Веќе една седмица ЈП „Комунална хигиена“ работи со нов и современ начин на менаџирање, воведувајќи ГП-систем за автоматско следење на возилата за собирање комунален отпад. Ова значи дека на веб-страницата на претпријатието веќе може да се види движењето на нивните возила на одреден дел од градот, потоа може да се знае во кое време и на која улица тие поминале или се наоѓаат и точно во кој час го собрале комуналниот отпад на набљудуваната локација.
Менаџерскиот тим на претпријатието смета дека со овој систем најнапред ќе заштедат 30 отсто гориво, кое многу често било трошено во „приватни рути“ на вработените. Исто така, сметаат дека ќе се подобри квалитетот во нивната работа, а истовремено ќе се обезбеди и транспарентна информација за граѓаните кои најчесто се жалеле дека камионите на „Комунална“ не поминале во нивната населба да го соберат ѓубрето. Овој систем сега им дава можност и самите да го проверат тоа. Со ГП-уреди веќе се опремени 25 камиони кои една седмица кружат низ градот, а неделава ќе бидат опремени вкупно четириесетина возила.
До крајот на годинава ќе бидат опремени уште педесетина камиони за чие воведување на системот претпријатието ќе инвестира 523.900 илјади денари.
„Мотив за поставувањето на ГПС ни беше намалувањето на оперативните трошоци, кои најчесто беа и неоправдани. Сега со ГПС ќе може да се следи дури и брзината на возилата со која се движат на одредена сообраќајница, а ќе бидеме и транспарентни за граѓаните, кои постојано ќе можат да ја имаат бараната информација. Месечниот трошокот за следење на едно возило изнесува 750 до 800 денари, но многу брзо, речиси за една година, инвестицијата ќе се исплати“, рече на вчерашното презентирање на системот Божидар Стојанов, директорот на „Дрисла“.
„Комунална хигиена“ има 87 специјални возила за собирање комунален отпад. Од претпријатието велат дека не ретко граѓаните им се жалеле дека нивните возила не ја извршиле услугата пред нивниот објект, односно не поминале да го соберат комуналниот отпад. Но, велат одговорните, вакво нешто особено се случувало на локациите каде што најчесто се наоѓаат локалите кои работат навечер. Ова особено кога станува збор за дискотеки и разни клубови каде што најчесто во близина на контејнерите се паркираат автомобили. Токму поради тоа и поради габаритноста на возилата и не по нивна вина ѓубрето останувало неподигнато. Сега со новиот систем ќе можат да видат дека возилото било до нивниот објект и самите ќе бараат начин да се ослободат од непрописно паркираните, а од претпријатието не ќе мора да им се оправдуваат. |