Златен медал за Македонија за колекцијата марки „Папагали“
Синиша Павлески од Скопје за својата збирка поштенски марки на тема „Папагали“ доби високо признание
 Дел од збирката „Папагали“
МИОДРАГ МИЦКОВИЌ
Филателистичката федерација на Македонија првпат во својата историја може да се пофали дека нејзин член е добитник на златен медал на една меѓународна изложба. Тоа е Синиша Павлески, инаку претседател на Филателистичкото друштво „Скопје“, кој со својата колекција на поштенски марки на тема „Папагали“ го освои златниот медал на традиционалната меѓународна изложба „Алпе Адрија“ што се одржа во Крањ, Словенија.
На изложбата учествуваа голем број филателисти речиси од цела Европа со своите колекции на марки со разни теми, така што успехот на Павлески е големо признание што покажува дека и Македонија има одлични колекционери на марки. Последниве години марките што се издадени во Македонија, исто така, на разни теми и по повод јубилеи се мошне барани во светот.

Синиша Павлески има богата колекција на марки. Со филателија, како што вели, се занимава посериозно во последните седум-осум години. Првпат со своја колекција учествуваше на една меѓународна изложба и веќе на стартот доби високо признание - златен медал, што не е мала работа.
- Не беше толку лесно да ја дополнам својата колекција на тема „Папагали“. Ми беше потребно многу време и многу труд. Со часови контактирав преку Интернет со филателистите од целиот свет, особено со оние што ја собираа истата тема „Папагали“. Се допишувавме, разменувавме марки. Особено со филателистите од Јужна Америка, Бразил, Гвајана, Виетнам, Индонезија, од земјите од Африка кои имаат издадено многу серии марки со разни видови папагали.
Зошто токму папагали?
- Уште како дете имав папагал и некако се сродив со овие птици. Имам и богата колекција на марки на тема „Хокеј“, со која деновиве учествував на изложба во Истанбул, заедно со уште четворица филателисти од Македонија. Очекувам дека и таму ќе имаме успеси.
Колку серии марки на тема „Папагали“ имате во Вашата колекција?
- Па околу 400. Реков и ќе повторам, не беше лесно да се собере.
Дали целата збирка ја испративте во Словенија?
- Не, и тука има процедура. Марките се праќаат со брза пошта, организаторот е должен по завршувањето на изложбата да му ги врати на сопственикот. Меѓутоа, секој учесник треба целосно да ја образложи колекцијата, од каде потекнуваат марките, вредноста на сериите, мошне е важна обработката на испратената збирка. Инаку, оценувањето го врши специјално меѓународно жири составено од експерти за филателија. За високи оценки се најважни личното истражување и реткоста на испратениот материјал. За мене е најважно тоа што на изложбата во Крањ учествував под нашето уставно име Македонија, така и пишува на плакетата што ја имам добиено. Жал ми е што Филателистичката федерација на Македонија не располага со доволно финансиски средства за да можат наши членови почесто да учествуваат на изложбите, па и лично да присуствуваат на нив. Среќен сум поради тоа што моето прво учество ми го донесе овој голем успех што ќе биде голем поттик за мене да учествувам и на други изложби. Имам и добра збирка марки на тема „Француски Антартик“, за која верувам дека може да привлече внимание во Европа.
|